Премиера во МНТ: „Западен експрес“ – европска копродукција за истокот, западот и човечките илузии


29d63441-4fb6-4dea-9ee9-b0fd1cdd1833.webp
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

На денешната прес-конференција во Македонскиот народен театар беше најавена премиерата на претставата „Западен експрес“, копродукциски проект помеѓу МИ Филм, Sadsongskomplex:fi и Македонскиот народен театар.


Премиерата ќе се одржи на 30 април, во 20 часот, на Малата сцена во МНТ, додека првата реприза е закажана за 4 мај.

Претставата е работена по текст на реномираниот романски, повеќекратно наградуван автор Матеј Вишњек и во режија на Јари Јутинен. Во претставата играат: Ивица Димитријевиќ, Мирјана Трпковска Костовска и Васко Костовски. Сценографијата и костимографијата се на Кристина Божурска, а музиката ја потпишува Јане Трајковски.

„Оваа претстава е резултат на копродукција помеѓу МИ Филм, Sadsongs komplex:fi и Македонскиот народен театар, што за нас претставува уште еден важен пример на регионална и европска соработка во областа на современиот театар. Овој тип на партнерства не само што ја зајакнуваат размената на уметнички искуства, туку и отвораат простор за нови сценски јазици и перспективи. За МНТ, ваквите проекти се есенцијални затоа што го позиционираат театарот како активен учесник во современите европски културни текови. Особено ми е драго што на сцената на МНТ се обединуваат уметници од различни средини, носејќи различен театарски светоглед и создавајќи дело кое зборува јасно, суштински, директно и храбро за светот во кој живееме.“, изјави Никола Кимовски, првиот човек на МНТ.

Претставата раскажува приказна за луѓе од Истокот кои посегнуваат по митскиот Запад и неговото ветување за утописка иднина, за на крај да сфатат дека возот од насловот на претставата, води кон илузија.

„Западен експрес“ спротивставува две динамики на движење: онаа на Ориент експрес — легендарниот воз , симбол на западниот луксуз, и онаа на Оксидентал експрес — движење на миграциски тела и умови кон најблиските епицентри на „американскиот модел“ и земјите на Европската заедница.

Авторот создава живописна сценска фреска исполнета со различни ликови – од војници, професори, музичари и актери, до мигранти и затвореници. Претставата е структурирана во тринаесет сцени, поврзани преку ликот на стар слеп човек кој ја носи сенката на Едип и неговата трагична мудрост, поставена врз современите општествени настани.

Вишњек го набљудува Западот низ перспектива на Истокот, прикажувајќи го стремежот кон западниот мираж и последиците од губењето на културниот и јазичниот идентитет. Иако се отвораат тешки и актуелни прашања, авторот со леснотија и гротеска создава сценски свет во кој човештвото останува во центарот, а визионерската мисла овозможува разбирање на реалноста во која живееме.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK