Ресен до крајот на годинава ќе биде целосно исчистен од диви депонии, веќе се расчистени шест од вкупно девет


panel-prespa.webp
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

До крајот на годинава, Ресен ќе биде целосно исчистен од диви депонии, кажа директорот на Јавното комунално препријатие „Пролетер“ – Ресен, Марчел Косентино-Русу на денешната панел-дискусија „За почиста Преспа: заеднички чекори за подобро управување со отпад“ организирана во Ресен од Институтот за комуниколошки студии, Македонското еколошко друштво и „Еко герила-Преспа“. Претпријатието работи на расчистување на поголемите диви депонии последните неколку години.


„Со помош на Европската Унија и Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) досега се исчистени шест од планираните девет диви депонии, а до крај на годината ќе се исчистат и останатите со што Ресен ќе биде целосно исчистен. Набавени се нови возила за собирање смет, течат неколку проекти за селекција на пластика, текстил, стакло, а догодина ќе профункционира и компостарата за органски отпад“, рече директорот Косентино-Русу.

 

Поголема свест за селектирање ќе значи дека ќе плаќаме помалку за одлагање на отпадот, рече директорот Косентино-Русу

 

Тој нагласи дека во 2026 година нема да има место од каде што не се подига комунален отпад и ќе се помине во фаза на селекција, за што клучна е едукацијата на населението која почнува во градинките и училиштата.

„Најбитно е да допреме до свеста на секој човек. Поголема свест за селектирање ќе значи дека ќе плаќаме помалку за одлагање на отпадот“, рече директорот Косентино-Русу.

Регионалниот план за управување со отпад за Пелагонискиот и Југозападниот регион на денешната панел – дискусија го презентираше Емил Ангелов од Салар Интернешнал.

„Одредени општини ќе носат отпад директно во регионалниот центар Новаци, а дел ќе носат во претоварни станици. Ќе се формира регионално претпријатие кое што ќе го врши транспортот од општините до Новаци”, рече Ангелов.

Зоран Трајчевски од Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) зборуваше за тековните инфраструктурни интервенции како што е изградбата на канализациската мрежа што се пробива низ повеќе населени места како Брајчино, Царев Двор, Долно Дупени, Крани, изградбата на пречистителните станици, но и за статусот за обновата на граничниот премин Маркова Нога.

„Придобивките од овие активности се неколкукратни: прво е за заштитата на биодиверзитетот, второ 1.300 луѓе ќе се приклучат кон канализациска мрежа, и трето ќе се подобри квалитетот на водата во Преспанското Езеро – директно или преку подземните води.“, рече Трајчевски.

За Општина Ресен, според градоначалникот, Јован Тозиевски, е важно не само да се спроведат тековните проекти, туку тие да бидат одржливи и по нивното завршување. Еден од начините за справување со нелегалното одлагање на отпадот се и казните кои се предвидени со Законот за локална самоуправа и комуналната полиција со ингеренции за казнување на оние кои нема да го почитуваат комуналниот ред.

 

Одржливото управување со отпад, подигнувањето на јавната свест и јакнењето на економија се клучни за почиста животна средина. – Ајман Ал Малла од Општина Ресен

Одржливото управување со отпадот, Ајман Ал Малла, раководител на секторот за животна средина во Општина Ресен, смета дека е само еден од трите предизвика за почиста животна средина оти еднакво важни се подигнувањето на јавната свест и јакнењето на економијата.

Панел-дискусијата е организирана со поддршка од Европската Унија преку програмата „ЕУ за Преспа“.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK