Уште неколку дена до отворањето на Саем на книга 2026 – најголемиот литературен настан во годината!


saem_kniga_23423423
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Долгоочекуваниот Саем на книга под мотото „Отвори прозорец кон нови светови“ оваа година повторно ги отвора вратите кон приказните што го менуваат погледот на светот. Од 23 до 29 април 2026, Арената „Борис Трајковски“ во Скопје ќе се претвори во вистински простор каде што литературата, културата и љубителите на книгата се спојуваат на едно место. Со децении присутен во македонскиот културен календар, Саемот на книгата останува еден од најзначајните културни настани, кој ја обединува публиката од целата земја и од странство, ја поттикнува читачката култура и создава простор за поврзување меѓу авторите, издавачите и читателите.

Организаторите од Скопски Саем го опишуваат како „најголем културен настан во земјата“ што ги слави книгата и креативноста, но и место за дијалог и создавање нова публика каде богатиот избор од домашна и светска литература отвора нови светови, каде омилените приказни оживуваат, а новите книжевни авантури чекаат да бидат откриени. Издавачите добиваат можност за директна средба со читателите и промоција на нови изданија од различни жанрови, вклучително и литература за деца и домашни авторски дела, како и ексклузивни гостувања на странски автори. Оваа година, меѓу нив е американската авторка на психолошки трилери Сара Пеканен како дел од програмата на „Арс Ламина“. Преку издавачката куќа “Сакам книги” доаѓа и италијанската писателка Виола Ардоне – авторка на популарната книга „Возот за деца“ која веќе доби и своја Netflix адаптација. На штандот на издавачки центар ТРИ ќе гостува Хајс Вилбринк, автор од Холандија. На штандот на Антолог најавено е гостување на авторката Ирса од Исланд, препознатлива авторка на трилери. Чешкиот писател Јиржи Хајичек е специјален гостин на „Славика либрис“.


Во текот на седумте саемски денови очекувани се над 30.000 посетители, повеќе од 130 промоции на наслови и автори, како и присуство од над 60 издавачки куќи. Во последните години особено се забележува зголемено присуство на младата генерација, која сè повеќе се враќа кон хартиената форма на книгите и придонесува кон високата посетеност на настанот. Посетителите повторно ќе имаат можност да уживаат во богата програма исполнета со специјални попусти и промоции на нови изданија, средби со автори, книжевни панели и интерактивни работилници.

 

Со работно време од 10:00 до 20:00 часот, Саемот нуди идеална можност да го посетите по работа, по училиште или за време на викенд. Со секоја купена редовна влезница, Саемот на книга донира средства на СОС Детско село, а влезниците се достапни и онлајн на: https://www.karti.com.mk/saem-na-kniga-2026.nspx .

Со силна порака дека книгата останува важен простор за култура, инспирација и заедништво, Саемот на книга 2026 ве поканува на незаборавно книжевно дружење. Без разлика дали сте во потрага по нов бестселер, безвременски класик или едноставно момент на инспирација ова е местото каде што приказните навистина оживуваат. Дозволете си да бидете дел од најголемото книжевно доживување во годината.

И оваа година саемот е поддржан од Министерството за култура и туризам, а свеченото отворање на 38-миот Саем на книгата ќе го одбележи претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK