Во тешка сообраќајка загина 19-годишниот син на Крсто Мукоски, забавниот дел од вевчанскиот карневал е откажан

Во-тешка-сообраќајка-загина-19-годишниот-син-на-Крсто-Мукоски-забавниот.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Во тешка сообраќајна несреќа што се случила рано утрово на регионалниот пат кон Вевчани загина 19-годишниот син на поранешниот пратеник Крсто Мукоски.


Според информациите од МВР, најстариот син на Мукоски излетал со возило од патот кон Вевчани и починал од здобиените повреди.

„На 13.01.2024 околу 01.20 часот во СВР Охрид, било пријавено дека на регионалниот пат кон Вевчани, во близина на село Подгорци, струшко, патничко моторно возило „ауди“ со вевчански регистарски ознаки, управувано од М.М. (19) од Вевчани излетало од коловозот. Во несреќата на местото на настанот починал возачот. Извршен бил увид од Јавен обвинител и увидна екипа од ПС Струга“, велат од полицијата.

Градоначалникот на Општина Вевчани Спасе Кочовски кажа дека вечерашниот концерт, забавниот дел од Вевчанскиот карневал, е откажан.

„Вевчани овој ден го чека цела година, но не на ваков начин. Имавме средба со василичарските друштва од горна и долна маала, сега традицијата ќе продолжи онака како што ќе продолжи. Дефилето ќе се одржи во некоја минимална состојба. Кој ќе учествува – ние не можеме да влијаеме. Ваква никогаш не било. Сами забележавте дека маскирано лице немаше низ улиците“, вели тој.

Министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска, која денеска е во Вевчани, рече дека традицијата ќе продолжи следната година.

„Не го препознавам Вевчани вакво. Првин да изразам сочувство за фамилијата, јас за жал знам како изгледа таа болка. Знам дека цела ситуација е неизвесна. Ќе се случува она што ќе одлучат граѓаните на Вевчани. Традицијата ќе продолжи наредната година“, кажа таа.

Вевчанскиот карневал се одржува на Василица и е еден од најпознатите на Балканот. Се верува дека е стар 1.400 години.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK