Продолжува собранисиската и комисиска дебата за пакетот закони за коридорите

sobranie
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Собранието на Република Северна Македонија денеска напладне треба да ја продолжи 115-та седница во рамки на која меѓу точките се и пакетот закони за изградба на коридорите 8 и 10 д.







Воедно, на собраниската Комисија за европски прашања треба да продолжи расправата за измените и дополнувањата на Законот за градење по скратена постапка. На дневен ред на оваа Комисија се и измените и дополнувањата на Законот за експропријација и на Законот за утврдување на јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 (делница: Тетово – Гостивар – Букојчани и проектот за автопатот Требеништа – Струга – Ќафасан) и Коридорот 10 д (делница на автопатот Прилеп– Битола) во Република Северна Македонија, и двата по скратена постапка.

Пратениците вчера попладне на пленарната собраниска седница ја завршија расправата по Предлог законот за измени на Законот за работните односи, кој е дел од пакетот закони за изградба на коридорите, а гласањето ќе биде дополнително закажано.

Во текот на дебатата, пратениците од опозицијата беа на ставот дека овие законски измени се спротивни на владеење на правото, затоа што, велат, законот ги поробува работниците, наместо да ги ослободува. Според нив, носење на законски измени по скратена постапка под „превез“ на европско знаменце е насилие и криминал, што целосно штети на интегративниот процес на земјата во ЕУ.

Пратениците од мнозинството, пак, порачаа дека измените на законите поврзани со изградбата на коридорите 8 и 10 д се во согласност со Уставот и во насока да ја олеснат работата на терен.

-Измените се прават за поефикасно, поефективно и поевтино да се завршат проектите што се од стратешки интерес. И ова не е само за сегашните коридори, туку и за сите идни национални стратешки проекти во инфраструктурата, истакна Зеќири.

Пратеникот Антонио Милошоски вчера на прес-конференција по одржаната работна средба со Мануел Сарацин, специјален пратеник на Германија за Западен Балкан, изјави дека за забелешките за злоупотребата на европското знаменце од германската делегација било соопштено дека тие го имаат истиот став како и амбасадорот Гир.

-Тоа значи дека се против злоупотребата на европското знаменце за закони кои немаат допирна точка со европското законодавство, појасни Милошовски.

Во однос на доставениот допис до Европската Комисија, а кој се однесува на употребата на европското знаменце, информира дека е доставен до членовите на Комисијата, како и до известителот во Европскиот парламент за земјава Илхан Ќучук.

Инаку, прва тема на средбата со Сарацин, како што посочи Милошоски биле уставните измени при што бил соопштен ставот на пратеничкара група на ВМРО-ДПМНЕ и коалициските партнери дека овој пратенички состав во Собранието нема мандат, ниту демократски легитимитет да отвори или менува Устав без да има повтрда за тоа и понуда на решение на избори за што се изјасниле граѓаните.

Вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење Славица Грковска вчера на брифинг со новинарите укажа дека договорот со „Бехтел и Енка“ има клаузула за тајност.

-Мојата прва изјава за тоа беше дека во принцип не гледам причина да не биде објавен, освен ако има клаузула што би можела да влијае на таквата одлука и дека ќе проверам дали има таква клаузула. Меѓутоа, таква клаузула постои, веднаш беше објавено од премиерот и беше информирана јавноста за постоењето на таква клаузула и дека таа не обврзува во еден дел за таква мерка, рече Грковска на средбата со новинари.

Специјалниот пратеник на Владата на Сојузна Република Германија за Западен Балкан, Сарацин вчера во Собранието одржа средби со пратеници од повеќе политички партии. Тој завчера оствари средби и со претседателот на државата Стево Пендаровски и со вицепремиерот Артан Груби на кои меѓу другото станало збор за процесот на европските интеграции на земјава и за актуелните политички случувања во земјава.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK