Собраниската Комисија за европски прашања денеска ќе ја продолжи расправата за предложените измени на законите поврзани со изградбата на коридорите, означени со европско знаменце, која стартуваше со претрес по амандманите од опозициската ВМРО-ДПМНЕ за измените на Законот за работни односи, по скратена постапка.
Со првиот од вкупно трите амандмани, опозицијата бара бришење на членот 1 од Законот, бидејќи според нив е неуставен.
Расправата во Комисијата за законското решение почна вчера кога најчесто говореа пратеници од опозицијата кои рекоа дека во измените на Законот нема ништо европско и затоа нема потреба да се разгледува во процедура со европско знаменце.
Тие ги прашуваа нивните колеги од владејачките партии како ќе гласаат измени на закони за проект за кој воопшто не виделе што се е предвидено во договорот што го потпиша Владата. Ги обвинија дека ќе им наметнат на работниците да работат по 72 часа неделно на отворено наместо по 40 часа како што е вообичаено.
Пратениците од владејачкото мнозинство одговорија дека со измените на Законот воопшто нема да има зголемување на работното време и дека на работниците ќе им се плаќаат дополнителните работни часови за прекувремена работа за која ќе треба да дадат пишана согласност. Измените, посочија, се носат за да се овозможи побрза и певтина изградба на коридорите 8 и 10д.
На побрзо усвојување на законските измени, вчера повика и премиерот Димитар Ковачевски.
– На граѓаните им се потребни коридори, а не дневно политички препукувања. Станува збор за стратешки и европски поврзани коридори, и затоа Парламентот одлучи овие закони да се разгледуваат на Комисијата за европски прашања, рече Ковачевски, одговорајќи на прашањето за означувањето со европско знаменце на законските измени поврзани со коридорите 8 и 10д.
Тој повтори дека изградбата на автопатите на Коридорот 8 и на Коридорот 10д е најголемиот стратешки проект во историјата на нашата држава со којшто ќе се градат 110 километри автопат.
Со законските измени што ги предлага Владата се дефинира дека заради континуитет во работата на овој проект прекувремена работа може да трае подолго од осум часа неделно и 190 часа годишно.
Како што образложи претходно министерот за труд и социјална политика Енвер Хусејин, прекувремената работа не значи 60 часа неделно, таа ќе зависи од временските услови на терен и од активностите на процесите на трасите, а секој прекувремен час ќе биде исплатен 35 проценти согласно Законот и Колективниот договор и со изјава за согласност од работникот.
Работата над 40 часа неделно ќе се смета и плаќа како прекувремена работа со задолжително почитување на одредбите за дневен и неделен одмор. Тоа значи дека работникот ќе има право на одмор од најмалку 12 часа во непрекинато меѓу два последователни денови во текот на 24 часа. Исто така, работникот има право на неделен одмор во траење од најмалку 24 часа непрекинато плус 12 часа дневен одмор. Дополнително, поради природата на работите и задачите што се вршат во работоте од национален интерес се јави потреба да можат да се спроведува и во недела. Предложениот закон предвидува измена со која се овозможува уредување на местото и начинот на исплата на плата на работници на проекти од национален и стратешки интерес, рече Хусејин.
На дневен ред на Комисијата за европски прашања се и предлог законите за изменување и дополнување на Законот за урбанистичко планирање, на Законот за градење, на Законот за експропријација, на Законот за утврдување на јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 (делница: Тетово – Гостивар – Букојчани и проектот за автопатот Требеништа – Струга – Ќафасан) и Коридорот 10 д (делница на автопатот Прилеп– Битола) како и Предлог на закон за академија за судии и јавни обвинители, сите по скратена постапка.