Норвешка и Финска годинава се соочуваат со рекордна епидемија на птичји грип, која предизвика помор на илјадници галеби и други видови, го загрози добитокот и доведе до ограничувања на патувањата во некои области, соопштија денеска официјални претставници.
Птичјиот грип циркулира во Европа во последните неколку години, а во мај и јуни доведе до угинување на милиони птици на француските фарми и го наруши снабдувањето со месо и јајца.
Властите во арктичкиот град Вадсо, кој е дел од норвешката област Финмарк, соопштија дека пронашле повеќе од 10.000 мртви птици во областа, а Норвешката агенција за безбедност на храна вчера воведе забрана за патување во три природни резервати.