Интервју со Деан Наумовски- Генерален директор на Ваилант Македонија: Нудиме квалитетен производ и квалитетна услуга, а кога тие две работи ќе се спојат успехот не може да изостане


Палетата на производи на Ваилант во изминатиот период беше присутна на Македонскиот пазар преку дистрибутивната мрежа која ги покриваше сите градови. Македонските фирми кои продаваат инсталатерска опрема имаа можност еден дел од нивниот простор да го уредат по стандардите на Ваилант и да вметнат во својата понуда нешто од опремата на Ваилант.

 

 

Оваа соработка со македонскиот пазар сега прераснува во нешто поголемо и како што изјави за Опсервер, Деан Наумовски- Генералниот директор на Ваилант Македонија сега нивната понуда на производи и услуги ќе биде уште подостапна за македонските купувачи. Од почетокот на своето постоење,  компанијата што е докажана на германскиот пазар ужива огромна поддршка од Република Германија, која повторно се истакна на официјалното отворање на претставништвото на Ваилант во Македонија, каде амбасадорката на Германија во земјава Анке Холштајн на свеченоста ја пресече лентата, упати честитки за досегашната работа на компанијата и посака огромен успех за понатамошниот период.

Ќе може ли накратко да ни го претставите Vaillant,  колку долго опстојувате на пазарот, што е она што вие го нудите и според Вас кој производ би се издвоил како најиновативен?

Јохан Ваилант е човекот што ја оформирал компанијата во Германија во 1874 година и за две години ние ќе прославуваме 150 години постоење. На почеток Ваилант е основана како инсталатерска фирма, а во 1905 е изработен првиот ѕиден котел на гас за припрема на топла вода и уште тогаш е иновиран котелот (бојлер) за топла вода којшто како извор на енергија користи гас, а по 20 години на пазарот се појавува и првиот котел за греење на гас.

После неколку години е создаден првиот комбиниран котел и со тоа Ваилант ги спојува греењето и подготовката на топла вода во еден уред којшто и ден денеска како таков уред постои. Како што поминуваат годините почнуваме со воведување на системи за искористување на соларната енергија и скоро 40 години ние како групација ги имаме топлинските пумпи во нашата палета на производи. Во 2019 година Ваилант инвестира средства во центар за истражување и развој којшто е наменет специјално за топлински пумпи. Сега главниот акцент ни се баш топлинските пумпи. Ваилант е пионер во греењето на гас, имаме котел  кој е сертифициран за работа на чист хидроген/водород. Ние сме први што имаме сертифициран уред што работи на чист водород. Како најиновативен уред моментално можам да ја издвојам  најновата топлинска пумпа којашто се вика АЕРОТЕРМ плус. Неспецифична е по тоа што користи еколошки и тотално поинаков фреон (Е290), што Ваилант прв го употребува и е високо температурна. Tоа значи дека самата топлинска пумпа работи на 60-65 степени целзиусови за разлика од ниско температурните кои работат на 30-40 степени.

Се чини дека вашите иновации прават револуции во секојдневниот живот. На што најмногу се должи вашиот континуитет во успехот и што е она што ве прави препознатливи и подобри од конкурентите?

Тоа што е доста интересно за Ваилант компанијата е тоа што се уште е во сопственост на семејството Ваилант. Она што не издвојува и не прави посебни е ориентираноста кон грижата за своите клиенти и иновативните производи кои нудат германски квалитет, движењето во чекор со потребите на сите земји каде што е присутен Ваилант, обезбедување оригинални резервни делови и едукативен-тренинг центар со големо внимание насочено кон целата инсталатерска мрежа. Нудиме квалитетен производ и квалитетна услуга, а кога тие две работи ќе се спојат успехот не може да изостане.

Се наоѓаме во услови на енергетска криза и сето тоа директно влијае на животниот стандард на луѓето, дали преку вашата производна палета на системи за греење, ладење и вентилација имате за цел да одите кон ублажување на проблемите кои настануваат од кризата?

Топлинските пумпи се енергетски ефикасни производи и со нив потрошувачка за енергија значително се намалува во споредба со конвенционалните извори на електрична енергија. Тука се и клима уредите кои мора да ги споменеме затоа што и тие се на некој начин уреди кои се енергетски ефикасни со тоа што комфорот не е ист кај овие два производи. Топлинската пумпа може да стои на тераса, на држачи монтирани на фасадата (исто како клима уред)  и да послужи за греење на некои 100 квадрати станбен простор. Енергетската ефикасност на топлинската пумпа во однос на конвеционален систем за греење е еден спрема четири.

Во 2015 година Vaillant за своите најнапредни производи  ја воведува Green iQ ознаката. Ќе може ли да објасните што значи тоа?

Green iQ ознаката го означува сертификатот за одржливост,  Ваилант произведува опрема којашто е енергетски ефикасна и еколошка. Нашите уреди се еколошки и не ја загадуваат околината, а притоа ја трансформираат енергијата во топлина на најефикасен можен начин.

Што е она што Ве мотивираше вашата понуда на производи да ја донесете на македонскиот пазар и каков интерес очекувате? На кој начин ги поставувате темелите за да ја оптимизирате вашата достапност и услуги и за да овозможите најдобра можна соработка и пристапност за крајните корисници?

Современите уреди не се едноставни за инсталирање и ракување, ние продаваме високо- технолошка опрема и не сакаме со таа опрема да ракуваат необучени луѓе па токму затоа Ваилант поседува и мултифункционален центар кој навистина е од големо значење. Подготвуваме тренинзи за инсталатерите и сервисерите и правиме обуки за цела инсталатерска и сервисна мрежа, бидејќи токму инсталатерите и сервисерите се оние кои нашите производи ги вградуваат и ги одржуваат кај крајните клиенти.

Оригинални резерви делови се достапни постојано и може да ги најдете и 15 години откако една серија ќе се повлече од производство.  На Македонскиот пазар ќе бидеме први што на располагање ќе имаме сервис 24/7. Тоа значи дека во секое време сервисерот ќе има залиха од резервни делови и услугата ќе биде во функција од 2023 година.

 

Кои се вашите визии/планови за иднината на Vaillant? Какви новитети планирате?

Ваилант со својата опрема е фокусиран на резиденцијалниот сегмент/ домаќинствата, но сакаме да го олесниме пристапот и на индустриските капацитети во Македонија со тоа што овозможуваме инсталирање на гасни котли.

Цело време држиме чекор со технологијата, фокусот на компанијата  е на усовршување и доста сме активни со иновациските напредоци. Ваилант како групација ќе го прошири своето производство во Германија, таму се градат некои нови линии и нова фабрика. Ваилант групацијата е создадена од осум бренда. Конкретно топлинските пумпи се произведуваат во Германија, нешто се произведува во Франција и Словачка, а имаме и фабрика во Кина, наменета за тој пазар. Ваилант има вкупно 30.000 вработени.