Додик вели дека РС може да се отцепи за неколку недели

Додик-вели-дека-РС-може-да-се-отцепи-за-неколку.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Лидерот на босанските Срби, Милорад Додик изјави дека има пријатели во светот кои ќе спречат меѓународна воена интервенција во случај Република Српска да прогласи отцепување од Босна и Херцеговина.


Во интервју за Телевизија РС (РТРС), Додик се закани дека отцепувањето или прогласувањето на независна РС ќе следи во истиот момент кога високиот претставник за БиХ Кристијан Шмит евентуално ќе наметне закон со кој ќе се реши статусот и правото на располагање со државниот имот. Тој вели дека има информации дека ваква одлука би можела да следи во јануари и најави дека во тој случај парламентот на РС веднаш ќе се состане и ќе прогласи отцепување.

Тој објасни дека тоа значи „независност (од Босна и Херцеговина) во сè“, при што РС нема да го спречи преминувањето низ нејзината територија, односно да воспостави „тврда“ граница кон Федерацијата Босна и Херцеговина, но тоа ќе го направи доколку неопходно.

„Не очекуваме дека некој од Федерацијата Босна и Херцеговина ќе биде охрабрен да ја нападне РС. И во такви околности, ќе процениме како ќе постапиме. Очекувам ЕУФОР да застане на линијата меѓу ентитетите и да спречи контакт“, додаде тој.

Тој оцени дека во ваквото сценарио „Американците ќе збеснат и ќе се обидат да побараат интервенција“, но смета дека пријателите на РС тоа нема да го дозволат.

Тој не појасни на кои пријатели мисли, но познато е дека Додик моментално има пријатели само во Москва и Будимпешта, бидејќи има добри односи со рускиот претседател Владимир Путин и со унгарскиот премиер Виктор Орбан.

Унгарија од јануари следната година ќе ја преземе од Австрија командата на воените сили на Европската унија во БиХ (ЕУФОР), чија задача е да спречат можни вооружени конфликти, но и да гарантираат слобода на движење низ БиХ, бидејќи тоа е обврска што произлегува од Дејтонскиот договор.

Самиот висок претставник не ја спомна можноста за наметнување закон за државен имот и повеќепати потенцираше дека тоа е обврска и одговорност на властите во БиХ. Шмит во моментов планира само да наметне технички измени во изборниот закон на БиХ во случај парламентот на БиХ да не донесе одлуки во текот на јануари кои ќе го обезбедат интегритетот на изборниот процес.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK