Делегација на Царинска управа предводена од директорот Стефан Богоев и заменик директорот Муарем Асани присуствувале на последниот дел од обуката на царинско куче донирано и обучувано од страна на Германското друштво за меѓународна соработка (ГИЗ). Со ова, Царинската управа располага со пет кучиња трагачи кои на царинските службеници им го олеснуваат секојдневното работење и учествуваат во повеќе успешни откривачки акции.
Кучето од расата лабрадор (црвена лисица), како што информираат од Царина, успешно ја завршило специјализираната обука за откривање на пари, дрога и оружје.
Директорот на Царинската управа присуствувал и на практичната вежба на аеродромот Св. Апостол Павле во Охрид, каде било демонстрирано откривање на недозволена трговија од страна на мобилните тимови со помош на царинските кучиња во реални услови.
Богоев изразил благодарност до Германското друштво за меѓународна соработка за досегашната поддршка и истакнал дека Царинската управа е подготвена за понатамошно интензивирање на соработката во овој домен бидејќи благодарение на исклучителните способности на кучињата трагачи покрај што им се олеснува работата на цариниците, значително се подобруваат и резултатите при спречување на шверц и недозволена трговија.
– Сузбивањето на организираниот криминал и сивата економија е еден од клучните приоритети на Царинската управа. Во оваа борба царинските кучиња се од особена важност и успешно се користат при спречувањето на нелегален транспорт на наркотици, оружје и пари, се наведува во соопштението од Царинската управа.