Директорот на ТИРЗ Јован Деспотовски оствари средба со помошникот министер за економија на Јапонија, и генерален директор на Директоратот за трговски политики Матсуо Такехико. И двајцата ја нагласија важноста од засилена економска соработка меѓу Јапонија и Северна Македонија особено во светло на глобалните политички и економски предизвици, а се разговараше и за конкретни иницијативи за соработка.
„Јапонија има огромен економски и инвестициски потенцијал и може да стане важен партнер за забрзан раст на С.Македонија. Разговаравме за конкретни програми кои ги нуди министерството за поддршка на инвестиции на јапонски компании во странство како и програми за обука на наши менаџери низ која веќе поминаа над 200 менаџери на македонски мали и средни компании. Тоа е потенцијал кој треба да се искористи,“ нагласи Деспотовски.
Јапонскиот помошник министер за економија нагласи дека е многу значајно зајакнување на економската соработка меѓу земји кои делат заеднички вредности како С.Македонија и посочи дека земјата нуди атрактивни елементи за јапонските инвеститори, особено за компаниите кои работат во делот на ИТ и напредните технологии.
Директорот на ТИРЗ упати и посебна покана до јапонскиот Министер за економија да дојде во официјална посета на земјата следната година во рамки на активностите за одбележување на 30 годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу двете земји.
Деспотовски претходно имаше средби со првите луѓе на Јапонската Агенција за развојна соработка (JICA Japan international Cooperation Agency), Јапонската Асоцијација на производители на автомобилски компонети (Japan Auto Parts Industries Association), Јапонската стопанска комора (Japan Chamber of commerce) како и Јапонската асоцијација на нова економија (Japan Association of new economy) од кои произлегоа и конкретни планови за економска соработка и поттикнување на јапонски компании да инвестираат во С.Македонија.
“Целта е да ја презентираме нашата земја и можностите за инвестиции пред повеќе јапонски компании и институции. Првичните разговори се охрабрувачки и веќе се отвораат можности за соработка на повеќе нивоа,“ вели Деспотовски.
Деспотовски е во неколкудневна посета на Јапонија организирана во соработка со Јапонската амбасада во С.Македонија. Целта е презентација на инвестициските можности во нашата земја, а предвидени се средби со неколку јапонски комори, бизнис асоцијации, компании и државни институции.