На ФЕИТ почна 11-тиот Робомак натпревар

feit
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

На Факултетот за електротехника и информациски технологии денеска почна 11-тото издание на меѓународниот натпревар за роботика, електроника, автоматика и вештачка интелигенција – Робомак 2023.

Деканот на ФЕИТ Димитар Ташковски рече дека ги поддржуваат студентите и мотивираат практично да го применат своето теоретско знаење.


– Како ФЕИТ секогаш сме насочени кон тоа наученото знаење да се примени во пракса уште во студентски денови. Една од овие можност е токму и организирањето на настан како што е Робомак, но и други студентски случувања. Ние силно ги поддржуваме сите активности на нашите студенти и ги мотивираме да создаваат технички умни решенија, рече Ташковски.

Заменик–министерот за информатичко општество и администрација Александар Бајдевски посочи дека оваа година ќе биде одбележана со суштински реформи засновани на клучните европски принципи на дигитализација на услугите насочени кон трансформирање на начинот на којшто граѓаните комуницираат со јавната администрација.

-Со дигитализација на јавните услуги ќе се намали времето што граѓаните го поминуваат за добивање услуга на шалтерите на јавната администрација. Услугите ќе бидат достапни во реално време, транспарентни, отчетни и поевтини, со што клиентелизмот, фаворизирањето и монополизирањето ќе бидат минато. Како резултат на тоа, дигиталната трансформација позитивно ќе влијае на дигнитетот и достоинството на граѓаните и на вработените во администрацијата, нагласи Бајдевски.

Во наредните неколку дена, учесниците преку работилници и предавања ќе се запознаат со роботиката и најновите научни достигнувања во областа и ќе го применат стекнатото знаење на вистински роботи. Потоа, ќе имаат можност да ги претстават своите решенија во натпреварувачкиот сегмент, кој ќе заврши во Кино Милениум со почеток во 18 часот на 13-ти мај2023 година (сабота).

– Уверен сум дека многумина од вас, драги студенти, ќе останат во нашата држава и ќе го вложат своето знаење. Ќе донесат меѓународни проекти, ќе работат на развој на технички решенија, ќе создаваат и креираат во Македонија. Токму како што тоа го прават вашите професори, вашите родители и сите ние што остануваме во земјава. Секако,ова не значи дека не треба да се движите во светот или дека не треба да разменувате знаења и искуства со колеги од други држави. Напротив, движете се, споделувајте знаења, стекнувајте искуства и сето тоа вложете го во иднината на нашата држава, но и во иднината на целокупното човештво, порача Никола Јанкуловски, ректор на Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ -Скопје.

РобоМак 2023 е организиран од студентскиот огранок на ИЕЕЕ при УКИМ и Факултетското студентско собрание при ФЕИТ.

– Членовите на ИЕЕ се видни експерти во своите области, во академијата и индустријата. Со се поголем фокус на мултидисциплинарноста, тие се посветени да го направат светот подобро место за живеење. Посветеноста на членовите на хуманизмот и на зелените технологии се само неколку примери за ова, рече Анастас Мишев, претседател на македонскиот огранок на ИЕЕЕ.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK