Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека се надева оти украинскиот „мировен самит“ може да се одржи оваа есен и дека овонеделните разговори во Саудиска Арабија се добар почеток за кон таа цел. Зеленски во говорот пред украинските дипломати рече дека на состанокот во Џеда на 5 и 6 август ќе бидат застапени речиси 40 земји.
„Работиме на тоа (самитот) да се одржи оваа есен“, рече Зеленски во говорот објавен на официјалната веб-страница на украинскиот претседател. „Есента доаѓа многу наскоро, но има уште време да се подготвиме за самитот и да ги вклучиме повеќето земји во светот“, додаде тој. Зеленски и неговиот тим соработуваат со сојузниците за да најдат широка поддршка за „мировниот самит“ што ќе ги наведе принципите за ставање крај на војната со Русија, која ја започна инвазијата пред 18 месеци. Самитот ќе се заснова на планот од 10 точки што Киев го објави минатата есен, а кој Зеленски активно го промовира. Неговата визија за мир вклучува целосно обновување на територијалниот интегритет на Украина и целосно повлекување на руските трупи, заштита на безбедноста на храната и енергијата, нуклеарната безбедност, ослободување на сите затвореници итн. Местото за одржување на самитот се уште не е договорено. Украинските и западните претставници рекоа дека Русија нема да учествува на самитот.