Зеленски: 38 загинати во нападот врз магацинот со муниција во Киев


zelenskidepositphotos_793980140_xl.webp
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Бројот на загинатите во рускиот напад врз магацин за муниција во Киевската област се искачи на 38, а спасувачките екипи продолжуваат да трагаат по уште четири лица кои се водат како исчезнати, соопшти украинскиот претседател Володимир Зеленски.


Нападот се случил во петокот доцна навечер, кога руски дрон погодил воен објект во кој биле складирани артилериски гранати, мини, дронови и друга муниција. По ударот следувале серија силни експлозии и голем пожар.

Зеленски оцени дека магацинот „дефинитивно не требало да биде таму“ и најави кривична истрага за околностите под кои муницијата била складирана во објектот.

„Сите факти мора целосно да се истражат. Уште еден ваков злочин, по она што се случи во Вишневе, е апсолутно неприфатлив“, рече украинскиот претседател.

Сличен инцидент се случи во јули во Вишневе, во близина на Киев, кога по руски напад во магацин со муниција следувале експлозии во кои загинале девет лица, а биле оштетени повеќе од 280 куќи.

Зеленски соопшти дека спасувачките екипи успеале да изгаснат поголем дел од пожарите, но дека во погоденото подрачје сè уште има значително загадување. Спасувачите продолжуваат со расчистување на урнатините и потрагата по исчезнатите.

Во текот на изминатата недела, според Зеленски, Русија лансирала речиси 2.000 нападни дронови, повеќе од 1.600 воздушни бомби и 31 ракета врз Украина.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK