Контурите на идниот мировен договор за Украина би можеле да се појават овој викенд кога светските политички и воени лидери ќе се соберат во Минхен, неколку дена откако американскиот претседател Доналд Трамп ги вознемири сојузниците кога разговараше со рускиот лидер Владимир Путин и најави почеток на преговорите.
Традиционалната безбедносна конференција доаѓа во особено чувствителен момент, веднаш по враќањето на Трамп на власт, кога повторно ги разгори шпекулациите за мировните преговори за ставање крај на руската инвазија започната во февруари 2022 година.
Од петок до недела, собирот ќе биде платформа за разговори за иднината на Украина, вклучително и средба меѓу американскиот потпретседател Џеј-Ди Венс и украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој инсистира на тоа дека САД, Европа и Украина мора да имаат заеднички став пред разговорите со Москва.
Европската унија го предупреди Вашингтон дека не може да се постигне договор со Путин зад грбот на стариот континент и ги испраќа највисоките претставници на Брисел на состанокот.