Официјалната претставничка на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, ја спореди претседателската дебата во САД со боксерски меч на Титаник.
Доцна синоќа, по средноевропско време, во САД се одржа првата дебата меѓу поранешниот претседател Доналд Трамп и потпретседателката Камала Харис, кандидатите на Републиканската и Демократската партија на претстојните претседателски избори во ноември.
– Самата формулација на прашањето, кој победи во дебатата е малку чудна, да ја погледнеме ситуацијата малку пошироко. Еве го „Титаник“ – моќен, многу скап, добро промовиран. На истиот „Титаник“ има меч меѓу двајца познати боксери, кик боксери или нешто слично, џиу-џицу. Дали победникот е важен ако имаме 15 минути до сантата мраз – рече Захарова.
Според нејзините тврдења, САД се двужат кон катастрофа, додека остатокот од светот се обидува да се спаси. Дополнително, според неа, нема смисла да се следи дебатата во САД, бидејќи американските политичари не се обидуваат да се потпираат на факти и не одговараат за своите зборови.
– Кандидатите кажуваат работи кои веднаш ги побиваат или демантираат водителите на овие дебати. Повторно гледаме емисија каде што зборуваат луѓе кои очигледно не се одговорни за своите зборови, никако – тврди Захарова.