Бурата „Киаран“ предизвика природни катастрофи низ Европа. Според Гардијан, забележани се пет смртни случаи во Италија, еден во Франција, а во Шпанија се евакуирани над 800 луѓе откако избија неколку пожари кои брзо се шират поради силните ветрови на бурата.
Дополнително, забележани се поплави во Словенија и Хрватска, вклучително и во Загреб, каде што се излеа реката Сава. Има силни бранови на хрватското крајбрежје, како и случаи на превртени камиони и паднати дрвја.
Невремето предизвикува дополнителни инфраструктурни проблеми поради тоа што се затвораат пристаништа и се откажуваат возови и летови. Во Велика Британија, од каде започна бурата, се затвориле повеќе од 300 училишта, а во Франција над 1,2 милиони жители се без пристап до струја, известува Би-би-си.