„Зад нападот во Москва стојат САД, Велика Британија и Украина“, вели шефот на ФСБ

moskva-napad.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK







Директорот на руската Федерална служба за безбедност (ФСБ) Александар Бортников денеска изјави дека САД, Велика Британија и Украина стојат зад нападот на концертната сала во Москва во петокот, во кој загинаа најмалку 139 лица, јави државната новинска агенција ТАСС, пренесува Ројтерс.

„Сметаме дека акцијата е подготвена од радикални исламисти и, се разбира, олеснета од западните тајни служби и дека украинските тајни служби се директно вклучени“, рече Бортников. Запрашан за вмешаноста на САД, Велика Британија и Украина, Бортников одговори: „Мислам дека е таков случајот“.

„Ова се општи информации, но веќе има некои елементи“, рече тој. Претходно, секретарот на рускиот Совет за безбедност, Николај Патрушев, на новинарско прашање дали Киев или Исламската држава го оркестрирале нападот, одговори: „Секако дека тоа е Украина“.

Украина повторно ги отфрли руските обвинувања за вмешаност во нападот, за кој одговорноста ја презеде милитантната група Исламска држава.

„Лагите официјално ги шири Патрушев, а потоа и шефот на ФСБ Бортников“, објави на „Икс“ советникот на украинскиот претседател Михаило Подољак.

Западните земји објавија дека нивните разузнавачки служби укажале дека одговорна е ИС-К, авганистанскиот огранок на Исламската држава.

Најмалку 139 лица загинаа, а повеќе од 180 се повредени во нападот во петокот вечерта врз концертната сала „Крокус Сити Хол“ во предградијата на Москва.

Четворица вооружени мажи по случаен избор пукале во посетители пред почетокот на рок концерт. Во неделата навечер тие беа изведени пред судот во Москва и притворени.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK