Основачот на Викиликс, Џулијан Асанж можеби нема да биде екстрадиран во САД, пишува „Волстрит журнал“, повикувајќи се на извори во американското Министерство за правда кои велат дека Вашингтон ја разгледува можноста, Асанж да се изјасни за виновен за помало кривично дело.
Американското Министерство наводно размислува да му дозволи на Асанж да се изјасни за виновен за лошо постапување со доверливи информации, што може да резултира со негово ослободување од британски затвор и да избегне екстрадиција, пишува американскиот весник.
САД бараат екстрадиција на Асанж за објавување тајни воени досиеја во 2010 и 2011 година, а Врховниот суд на ОК одлучи дека Асанж треба да биде екстрадиран, отфрлајќи ги тврдењата дека може да изврши самоубиство во американски затвор поради лошо ментално здравје.
Во 2010 година, „Викиликс“ објави видео од американската армија како уби десетици луѓе, вклучително и двајца новинари на Ројтерс, во напад на хеликоптери „Апачи“ во Багдад во 2007 година.
Потоа Викиликс објави илјадници тајни доверливи документи и дипломатски извештаи во кои САД ги критикуваат светските лидери, од рускиот претседател Владимир Путин до членовите на саудиското кралско семејство.
Асанж во САД е обвинет за шпионажа по 17 точки, а доколку биде осуден може да добие и до 175 години затвор, според тврдењата на неговите адвокати, додека американските обвинители тврдат дека казната нема да надмине 63 месеци.