Осум од 10 младенчиња кафеави мечка родени оваа година во оддалечен дел на северна Јапонија умреле поради недостиг од лосос, а научниците го обвинуваат зголемувањето на температурата на морето предизвикано од климатската криза.
Заедно со желадите, розовиот лосос е важен извор на храна за приближно 500 кафени мечки кои живеат долж полуостровот Ширетоко во Хокаидо.
Локалните власти реагираа со тревога откако еден туристички брод забележал прегладнетo младенче мечка како очајно бара храна на источниот брег на полуостровот овој месец. Наводно, мечката превртела камења и претурала низ купишта натрупани алги во потрага по храна.
„Ситуацијата е навистина сериозна“
Розевиот лосос што излегува во реките на Хокаидо ја поминува зимата во морето, пред да се врати во потоците во Ширетоку помеѓу август и октомври за да ги снесат своите јајца. Кафеавите мечки обично го демнат лососот додека се движат низводно, но биле принудени да пливаат во морето поради недостаток на речна риба, пишува Гардијан.
„Некои мечки навистина ослабеа. Тешко им е, бидејќи во реките нема риба, исто како и минатата година“, вели Кацуја Нода, оператор со туристички бродови. Истражувачите од Универзитетот Хокаидо предупредија дека ако глобалното затоплување продолжи со сегашното темпо, температурата на морската вода околу островот ќе се зголеми за 10 степени до 2090-тите, во споредба со нивоата во 1980-тите.
Масами Јаманака, истражувач во природата на Фондацијата Ширетоко, рече дека недостатокот на лосос, во комбинација со лошата жетва на желади, има разурнувачки ефект врз младенчињата на кафеавата мечка.
„Се проценува дека 70 до 80 отсто од младенчињата родени оваа година се мртви. Тоа е навистина сериозна ситуација“, рече тој.
Поради недостигот на желади, мечките се повеќе ги напаѓаат луѓето
Рибарите уловиле 482.775 розови лососи во реките на Хокаидо, најсеверниот главен остров во Јапонија, помеѓу 25 јули и 5 септември 2020 година, но само 23.298 минатата година, според Здружението за одгледување лосос.
Имајќи ги предвид статистичките податоци кои покажуваат дека добар улов се случува секоја втора година, уловот во 2022 година бил изненадувачки слаб.
Недостигот на желади ги зголемува нападите на мечки врз луѓето во Хокаидо и другите делови на северна Јапонија, додека тие се впуштаат во населените области во потрага по храна. Вкупно 1.056 кафеави мечки биле фатени и убиени во Хокаидо во годината до април 2022 година, што е највисока рекордна бројка и прв пат бројот да надмине 1.000, според префектурата.
Од вкупниот број, 999 кафеави мечки беа истребени за да се спречи оштетување на земјоделските култури или затоа што се сметале за опасност за локалното население. Бројот на луѓе повредени или убиени во инциденти со мечки изнесува вкупно 14 во истиот период, при што штетата на земјоделските култури се проценува на 1,44 милиони фунти.