Денес во Брисел официјално започна форумот за проширување на Европската Унија „Поширока Европа – Посилна Европа“, а претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, изјави дека проширувањето мора да ја направи Европската Унија посилна, како и дека со секое проширување ЕУ се приближува до целта – различните луѓе да можат да соработуваат во мир, без да го жртвуваат својот идентитет.
На отворањето на состанокот, таа рече дека ЕУ мора да работи на два фронта, од кои првиот се однесува на процесот на донесување одлуки, односно, како што рече, проширената Унија мора да остане Унија која е способна за дејствување.
„Не смееме да си дозволиме да станеме побавни – особено во време кога Европа мора брзо да одговори на бројни глобални предизвици. Нашите основачки договори веќе содржат механизми што можат да го направат процесот на донесување одлуки поефикасен, за тоа мора да ги користиме“, рече Фон дер Лајен.
Вториот фронт вклучува работа на модернизација на начинот на кој земјите-кандидатки можат да се приклучат кон Унијата, и во овој поглед постојат два предлози – придобивките од интеграцијата да се почувствуваат порано, и второ, да се обезбеди почитување на заедничките правила дури и по пристапувањето.
Како што објасни таа, интеграцијата може да донесе исклучителни економски придобивки, а прашањето е зошто граѓаните треба да чекаат до крајот на процесот на проширување за да ги почувствуваат.
„Токму ова е идејата зад Планот за раст и нашиот пристап кон постепена интеграција. Европа отвора сектори на единствениот пазар, а за возврат, земјите што се во процес на проширување спроведуваат клучни реформи, со што се обезбедуваат еднакви услови за работење во рамките на единствениот пазар на Унијата. Сето ова е проследено со значителни инвестиции. Го применуваме овој пристап во различни области, од енергетика и транспорт до дигитални технологии и многу други“, рече таа.
Според неа, напредокот во реформите носи напредок во интеграцијата, како и нови пазари за двете страни, а обврските преземени пред пристапувањето мора да останат во сила и по него.
„Основните принципи, како што е владеењето на правото, мора да се почитуваат секој ден. Токму затоа предлагаме посилни механизми за заштита за периодот по пристапувањето. Секоја земја-членка мора да ги исполни обврските што ги презеде при влегувањето во нашата Унија. И секое проширување мора да ја направи Европа посилна. Овие промени ќе придонесат следното проширување да биде успешно за сите – и за милионите луѓе кои сонуваат да се приклучат на нашата Унија, и за сите оние кои веќе ја сметаат за свој дом“, рече претседателката на ЕК.
Таа потсети дека визијата на поранешниот чешки претседател, кој одигра клучна улога во интеграцијата на Централна Европа во ЕУ, Вацлав Хавел, беше Европа да може да стане модел за тоа како различните луѓе можат да соработуваат во мир, без да го жртвуваат својот идентитет.
„Тоа беше неговата визија за обединета Европа. Не само поголем единствен пазар, туку континент поврзан со заеднички вредности и заедничка судбина. Со секое проширување, се приближуваме до таа реалност. Во годините што претстојат, имаме можност да ги преземеме следните чекори. Да имаме храброст и предвидливост да го направиме тоа заедно“, рече фон дер Лајен.
Таа, исто така, рече дека денес слободата за која се бореа Хавел и милиони други повеќе не може да се зема здраво за готово и дека силата и независноста на Европа се на тест.
„Нашите одлуки ќе го обликуваат нашиот континент за генерациите што доаѓаат. И уште еднаш, мора да имаме храброст и предвидливост да изградиме поголема Унија“, рече фон дер Лајен, повторувајќи им дека суштинската поента на проширувањето е тоа што не само што го прераспределува просперитетот, туку создава и дополнителен просперитет.
Таа, исто така, рече дека за прв пат по многу години, имаме реална перспектива за проширување, како и дека земјите од Западен Балкан преземаат важни чекори на патот кон членство.
„Се појави нов моментум. И со овој нов моментум, постои и можност европските нации да се поврзат – да изградат Унија во која повеќе Европејци ќе можат да живеат во слобода, во која децата ќе растат во мир и благосостојба и во која ние самите ќе одлучуваме за нашата иднина. Мора да ја искористиме оваа можност. Мора да ја покажеме истата амбиција како што ја имаа лидерите пред 30 години, како и истата решителност да го направиме проширувањето успешно“, заклучи таа.
Европската комесарка за проширување, Марта Кос, рече дека Европа не може да си дозволи да стои во место додека геополитичкиот свет околу нас се менува толку драматично.
Таа, исто така, рече дека најважното прашање е дали, ако целта е да се обликува иднината на Европа, Европа може да си дозволи да не го заврши обединувањето.
„Денес собравме исклучителна група луѓе – претседатели, премиери, министри, амбасадори, претставници на граѓанското општество, деловната заедница и медиумите. Ова испраќа силна порака до светот – политиката се врати во процесот на проширување. Гледам многу паралели со крајот на деведесеттите и почетокот на 2000-тите, кога геополитичките промени го преобликуваа политичкиот поредок на нашиот континент, а проширувањето беше дел од европскиот одговор на крајот на Студената војна, и беше многу успешно, бидејќи добивме 13 нови земји-членки.“