Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека украинските сили досега онеспособиле повеќе од 55 отсто од руските капацитети за преработка на нафта. Според него, нападите врз руските рафинерии и другата нафтена инфраструктура се одговор на континуираните руски напади врз украинскиот енергетски систем.
Зеленски ја изнесе оваа оценка синоќа, откако главниот командант на украинската армија, Михајло Драпати, му поднесе извештај за нападите врз цели длабоко на руска територија.
Зеленски: Имаме резултати речиси секој ден
„Всушност, имаме резултати речиси секој ден. Севкупно, досега онеспособивме повеќе од 55 отсто од руските капацитети за преработка на нафта“, рече Зеленски.
„Тоа е целосно оправдан одговор на одбивањето на Русија да го деескалира конфликтот, како и на нивните напади врз нашиот енергетски систем“, додаде украинскиот претседател.
Зеленски не објави детални информации за поединечните рафинерии, ниту пак појасни дали наведениот процент се однесува на капацитетот што моментално е надвор од функција или на вкупниот капацитет што бил погоден за време на украинските напади.
Неговото тврдење дека повеќе од 55 отсто од капацитетот е онеспособен, засега не може независно да се потврди.