Спасувачите пронајдоа тела на 11 жртви по ерупцијата на вулканот Марапи на индонезискиот остров Суматра, соопшти портпаролот на спасувачките служби, а потрагата по 12-те исчезнати е прекината од безбедносни причини.
Во моментот на ерупцијата во областа имало 75 планинари, од кои 49 биле евакуирани во понеделникот, а многумина сега се лекуваат поради изгореници, изјави портпаролката на службата за пребарување и спасување Џоди Харјаван.
Заедно со телата на 11 планинари, спасувачите пронајдоа тројца преживеани, додаде Харјаван, а потрагата по 12-те исчезнати беше прекината поради подоцнежната мала ерупција.
Во пресрет на активирањето на вулканот, властите го подигнаа нивото на будност и воспоставија зона за забранет пристап на три километри од кратерот.
Марапи еруптираше во неделата, исфрлајќи колона од пепел висока три километри на небото. Небото беше покриено со огромен облак од вулканска пепел, покривајќи и автомобили и патишта, покажуваат снимките.
Вулканот е меѓу најактивните на Суматра, а најмногу жртви зеде во април 1979 година, кога во ерупцијата загинаа 60 луѓе. Еруптираше и на почетокот на оваа година, забележува Ројтерс.
Индонезија има 127 активни вулкани и се наоѓа на Пацифичкиот „Огнен прстен“, според агенцијата за вулканологија.