Американскиот претседател Доналд Трамп во петокот се пошегува дека американската морнарица по враќањето од Иран ќе се пресмета и со Куба. Неговите изјави доаѓаат откако Вашингтон истиот ден најави нов пакет санкции против островската држава, што Хавана го осуди како форма на колективна казна, пишува „Еуроњуз“.
Трамп им се обрати на присутните на настан во непрофитниот Форум клуб во Палм Бич, каде што беше главен говорник. Тој рече дека неговата војска „речиси веднаш ќе ја преземе Куба“, што предизвика загриженост дека САД оваа година би можеле да се вклучат во уште еден воен судир.
Trump on Cuba:
We will be taking it over almost immediately. On the way back from Iran, we’ll maybe have the USS Abraham Lincoln come in off shore, and they’ll give up.pic.twitter.com/IJ8zJht1CO
— Clash Report (@clashreport) May 2, 2026
„Сега Куба има проблеми. Но, прво ќе завршиме една работа. Сакам да ја завршам работата. На враќање од она што ќе го направиме… на враќање од Иран, ќе донесеме еден од нашите големи бродови, можеби носачот на авиони USS Abraham Lincoln – најголемиот во светот. Ќе застане на стотина метри од брегот, а тие ќе речат: ‘Ви благодариме многу. Се предаваме’“, изјави Трамп.
Трамп со месеци сигнализира дека воени операции против Куба се една од можните опции. Неговата администрација го засили притисокот врз Хавана по американската интервенција во Венецуела во јануари, која доведе до соборување и апсење на претседателот Николас Мадуро.
Трамп ја обвини Куба дека обезбедувала заштита за наводните операции на Мадуро за трговија со дрога во замена за пари и нафта, чии испораки Вашингтон ги прекина по операцијата на 3 јануари.
Островската држава оттогаш се соочува со сериозен недостиг на нафта, што запре многу економски сектори и го парализира здравствениот систем. Обединетите нации повеќепати предупредија на развој на хуманитарна криза на Куба како последица од американското нафтено ембарго.
Во петокот Трамп со извршна наредба воведе нови санкции против Хавана, насочени кон широк круг лица и со закани кон странски банки што соработуваат со нив.
Со уредбата се воведуваат санкции против лица вклучени во клучни сектори на кубанската економија под контрола на владата, како енергетиката, одбраната, металургијата, рударството, финансискиот и безбедносниот сектор.
На удар ќе бидат и кубански функционери за кои ќе се процени дека учествувале во „сериозни прекршувања на човековите права“ или корупција. На тие лица ќе им биде забранет влез во САД.
Кубанскиот министер за надворешни работи Бруно Едуардо Родригез Парила ги осуди новите мерки, нарекувајќи ги форма на „колективна казна“.
„Одлучно ги отфрламе неодамнешните еднострани присилни мерки што ги усвои владата на Соединетите Американски Држави. Овие акции ја покажуваат намерата повторно да му се наметне колективна казна на кубанскиот народ“, напиша Парила на социјалната мрежа X.
„Не е случајно што овие мерки беа објавени на 1 мај, токму на денот кога милиони Кубанци излегуваат на улиците за да ја осудат американската блокада и енергетската опсада“, додаде тој.
Парила ја критикуваше и администрацијата на Трамп за странско мешање под изговор на борба за правда и демократија, додека, според него, истовремено го потиснува сопствениот народ.
„Додека американската влада го потиснува сопствениот народ на улиците, се обидува да го казни нашиот, кој херојски се спротивставува на нападите на американскиот империјализам“, напиша тој.
„Овие мерки имаат екстратериторијален карактер и ја кршат Повелбата на Обединетите нации. САД немаат никакво право да воведуваат мерки против Куба или против трети земји или субјекти.“
Белата куќа со месеци ги повикува кубанските лидери на разговори со Вашингтон, предупредувајќи ги да го сторат тоа „пред да биде предоцна“.
Кубанскиот претседател Miguel Díaz-Canel повеќепати одби преговори под, како што рече, непријателски услови. Тој порача дека Хавана ќе учествува во разговори само врз основа на меѓусебно почитување, еднаквост и без закани за суверенитетот и територијалниот интегритет.