Маж од Колорадо е осуден на доживотен затвор за убиството на тинејџерка во Сан Франциско извршено во 1978 година, пренесува CBS News. Надлежните соопштија дека 80-годишниот Марк Персонет ќе може да побара условен отпуст по седум години. Персонет беше прогласен за виновен за убиството на 15-годишната Мариса Харви.
Мариса Харви живеела во Њујорк, а во времето на убиството била во посета на својата сестра во Сан Франциско. На 27 март 1978 година, таа отишла на јавање коњи во градскиот парк „Голден Гејт“ и никогаш не се вратила. Полицијата го пронашла нејзиното тело следниот ден во блискиот парк „Сутро Хајтс“; било утврдено дека таа била задавена и сексуално нападната.
ДНК-анализите направени во раните 2000-ти години откриле машки ДНК-профил на облеката на жртвата и на парче исушена мастика залепена на нејзиниот грб. Сепак, истрагата тогаш запрела бидејќи детективите немале други веродостојни траги. Единицата за нерешени случаи ја обновила истрагата во 2020 година.
Персонет бил идентификуван како потенцијален осомничен со помош на напредна ДНК-технологија и истражна генеалогија. Додека го следеле, агенти на ФБИ забележале како тој фрла ѓубре на паркинг пред трговски центар, на повеќе од 20 километри од неговиот дом во Денвер. Во ѓубрето имало предмети за лична хигиена на кои била присутна неговата ДНК.
Дополнителни докази биле собрани при претресот на неговиот дом, каде што биле пронајдени мапи на Сан Франциско од 1970-тите години и регистарски таблички од Калифорнија со налепница за регистрација од 1979 година, иако Персонет претходно негирал дека некогаш бил во тој град. Подоцнежните ДНК-анализи потврдиле дека неговиот профил се совпаѓа со трагите пронајдени на облеката на жртвата и на парчето мастика.
За време на судењето, сведочела и друга жена која била силувана од Персонет во шумска област во Њу Џерси во 1979 година, кога имала 16 години. Окружниот обвинител Брук Џенкинс вчера издаде соопштение во врска со пресудата. „По речиси 50 години, г-дин Персонет конечно одговара за своите грозоморни злосторства врз Мариса и ќе го помине остатокот од својот живот во затвор. Иако ништо не може да ја врати Мариса кај нејзиното семејство, се надевам дека денешната пресуда – по сè што преживеаја – им дава чувство дека правдата е задоволена“, рече таа.
Помошничката на окружниот јавен обвинител, Кетрин Велс, изјави дека осудувачката пресуда за Персонет го означува крајот на долгото чекање на семејството за правда. „Ниту една казна не може да ја надомести незамисливата загуба што семејството на Мариса ја носи со децении, но се надевам дека овој момент ќе им донесе барем некаков мир.
Чест ми беше да работам за да се постигне правда за Мариса и да му дадам поддршка на нејзиното семејство, на жртвата која храбро сведочеше, како и на истражителите и обвинителскиот тим кои никогаш не се откажаа од потрагата по вистината“, рече Велс.