Земјотрес со јачина од 7,7 степени според Рихтеровата скала го погоди Мјанмар, соопшти Американскиот геолошки институт. Стотици луѓе во тајландската престолнина Бангкок во паника излегоа од зградите откако почувствуваа дека земјата се тресе, јавува Ројтерс.
Според Геолошкиот институт на САД, епицентарот бил на околу 17,2 километри од градот Мандалеј, кој има околу 1,2 милиони жители. Околу 12 минути по првиот земјотрес, втор силен последователен потрес со јачина од 6,4 ја погоди областа.
„Ситуацијата е хаотична. Луѓето се на улица затоа што луѓето бегаат од зградите и трговските центри. Сите се во паника затоа што се плашат од нов земјотрес. Има огромни гужви на патиштата, не можете да го напуштите центарот“, објави хрватски Индекс, сведоштво на човек кој се наоѓа во Бангкок.
Во моментот на земјотресот тој бил на улица. „Кога се тресеше, се исплашив. Зградите се нишаа, имаше голема штета“, вели човекот.
Тој додава дека на луѓето им се слошило поради стрес и високи температури.
„Поради евакуацијата затворени се центрите и хотелите… Има паника“, изјави тој, пренесува хрватски Индекс.