Тајеб ани Игенбаз бил принуден да избере дали да го спаси својот 11-годишен син или неговите родители кога тие останале заробени под урнатините по разорниот земјотрес што го погоди Мароко.
Сточарот од мала заедница во планините Атлас вели дека е прогонуван од одлуката што морал да ја донесе.
Тајеб бил со сопругата, двете деца и родителите во петокот вечерта во нивната мала камена куќа кога биле погодени од најсилниот земјотрес во Мароко во последните 60 години. Неговата куќа сега е руина.
Тој го однесе репортерот на Би-Би-Си до урнатините и покажа кон нив велејќи: „Тука беа“.
„Сè се случи толку брзо. Кога удри земјотресот, сите истрчавме до вратата. Тато спиеше, а јас и’ викнав на мама да дојде, но таа остана да го чека“, се сеќава тој. Од другаta страна ги видел само сопругата и ќерката.
Додека се враќал во урнатата зграда, Тајеб ги нашол и синот и родителите заробени под урнатините. Можел да ја види раката на неговиот син како ѕирка низ урнатините. Знаел дека мора да дејствува брзо и се упати во правец на неговиот син Адам, очајно копајќи низ урнатините за да го извлече.
Кога се свртел кон своите родители, заробени под голема камена плоча, вели дека веќе било предоцна.
„Морав да изберам помеѓу моите родители и мојот син“, вели тој со солзи во очите.
„Не можев да им помогнам на моите родители бидејќи ѕидот падна над половина од нивните тела. Многу е тажно. Видов како моите родители умираат“, додава тој.
Тајеб ги покажува дамките на неговите светли фармерки велејќи дека тоа е крвта на неговите родители. Целата облека му е во куќата, а поради земјотресот не можел да се пресоблече. Семејството сега живее со роднините во импровизирани шатори во близина на поранешната куќа. Тајеб вели дека сите негови пари биле во куќата и повеќето од неговите кози умреле.
„Тоа е како повторно раѓање. Без родители, без куќа, без храна, без облека. Сега имам 50 години и морам да почнам одново“, додава тој.
Не може да размислува што да прави понатаму, но се сеќава на лекциите што ги научил од родителите: „Тие секогаш велеа „биди трпелив, работи напорно, никогаш не се откажувај“.
Додека тој разговараше со новинарот, пристигна неговиот син Адам, облечен во дрес на Јувентус со името на Роналдо на грбот. Го гушна татка си.
„Татко ми ме спаси од смрт“, рече со насмевка.