(Видео) Масовен руски напад врз енергетски капацитети во Украина

napad.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK







Руската армија рано утринава нападна енергетски капацитети во пет региони на Украина, објави украинскиот министер за енергетика Херман Галушченко.

Како што рече, беспилотни летала и крстосувачки ракети нападнале енергетски објекти во регионите Запорожје, Дњепропетровск, Доњецк, Кироворад и Ивано-Франковск, пренесува Униан.

Украинскиот министер рече дека се утврдуваат последиците од нападот.

Поради ракетниот напад врз Украина, Полска ја подигна својата авијација до небо, соопшти оперативната команда.

„Предупредување, активирани се полски и сојузнички авиони, тоа може да доведе до зголемување на нивото на бучава, особено во југоисточниот дел на земјата“, предупреди командата.

„Украинската армија денеска собори 81 руска воздушна цел од 100 проектили и беспилотни летала со кои руските сили нападнаа енергетски објекти во пет региони на Украина“, соопшти командантот на украинските воздухопловни сили, Микола Олешчук.

Тој на својот канал Телеграм објави дека руската армија лансирала 53 ракети од различни типови и 47 беспилотни летала, односно беспилотни летала „Шахед“, а украинските сили собориле 35 ракети и 46 беспилотни летала.

Меѓу соборените ракети имало четири крстосувачки ракети „Калибар“ и една крстосувачка ракета „Искандер-К“, напиша Олешчук.

Украинската енергетска компанија ДТЕК објави дека две нејзини термоелектрани биле погодени за време на нападот и биле „сериозно оштетени“, пренесува Ројтерс.

Според некои украински медиуми, синоќешниот напад би можел да биде одмазда за одлуката на САД да и дозволи на Украина да користи американско оружје за напад на цели на руска територија.

Вчера беше потврдено дека американскиот претседател Џо Бајден одобрил употреба на американско оружје од Украина за цели внатре во Русија, од каде се напаѓа украинскиот град Харков, откако Киев тоа го побара од Вашингтон во последните неколку недели. Тоа го потврди и државниот секретар Ентони Блинкен.

Говорејќи на прес-конференција во Прага по неформалниот состанок на министрите за надворешни работи на НАТО, Блинкен не прецизираше дали одобрението на Бајден може да се прошири на цели подлабоко во Русија.

Блинкен рече дека потегот на Вашингтон, кој претставува промена во политиката на американскиот претседател Бајден, кој цврсто одбиваше да и дозволи на Украина да користи американско оружје на руска територија, е резултат на американската стратегија за прилагодување на ситуацијата на бојното поле. Сега, рече тој, Соединетите Американски Држави реагираат на она што го видоа во Харков и неговата околина.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK