Палестинците бегаа од израелскиот оган додека тенковите денеска почнаа да се приближуваат до градот Газа, а во воздушен напад во јужниот дел на Газа загинаа и беа ранети десетици, интензивирајќи ја израелската офанзива за која Хамас предупреди дека може да ги загрози преговорите за примирје.
Воздушен напад подоцна денеска погоди шатори со раселени семејства во близина на училиште во Абасан, источно од Кан Јунис, според палестинските здравствени власти.
Horrific massacres are happening right now in Gaza. pic.twitter.com/NgfCV7uEQj
— Emelia 🇸🇪 (@Bernadotte22) July 9, 2024
Израелската војска соопшти дека го истражува инцидентот.
На линијата на фронтот во градот Газа, вооружените крила на Хамас и Исламски џихад соопштија дека се судриле со израелските сили со митралези, минофрлачи и противтенковски ракети, при што биле убиени и ранети израелски војници.
Израелската војска не ги коментираше извештаите за жртви меѓу сопствените редови, но објави за блиска борба со милитантите, елиминација на повеќе од 150 милитанти во текот на изминатата недела и уништување згради со техники на минирање.
Последните борби дојдоа во моментот додека високи американски претставници беа во регионот за да преговараат за примирје откако Хамас направи отстапки минатата недела. Но, лидерот на Хамас, Исмаил Ханије предупреди дека израелските операции во Газа во овој клучен момент може да ги попречат преговорите.
Снимките на социјалните мрежи покажаа семејства како бегаат од градот Газа со магариња и камиони натоварени со душеци и други предмети, според израелската наредба за евакуација.
„Градот Газа се брише, тоа е она што се случува. Израел не принудува да ги напуштиме нашите домови под оган“, рече Ум Тамер, мајка на седум деца, која веќе седум пати избегала од својот дом во градот Газа. „Не можеме повеќе да го поднесеме ова, доста со смртта и понижувањето. Крај на војната сега“, рече таа.