(Видео) Излезе интервју со ќерката на Путин, таа воопшто не ја спомна војната во Украина

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Најстарата ќерка на Владимир Путин, која речиси никогаш не се појавува во јавноста, даде долго интервју. Тоа предизвика револт во Русија, но и во Германија. За што зборуваше Марија Воронцова?



Како што анализира ДВ, интервјуто со Марија Воронцова, најстарата ќерка на рускиот претседател Владимир Путин, кое се појави на Јутјуб два дена пред Нова година, на почетокот помина речиси незабележано. Руските медиуми и корисници на социјалните мрежи го забележале дури на 11 јануари.

Видеото од 42-минутното интервју беше објавено на 28 декември на каналот на јутјуб „Промодед Русија“, кој во тоа време имаше само 145 претплатници. Како извор се наведува проект на градот Москва, „Медтех.москва“, центар за иновативни технологии во здравството кој им помага на научниците во областа на здравствената заштита.

Воронцова (38), доктор и научник, одговараше на прашања за рускиот подкаст #Пронауку (за науката), кој, според водителката, е наменет за млади научници и оние кои сакаат да основаат компанија од оваа сфера. Во моментот на објавување на интервјуто, самиот проект „Медтех.москва“ имаше помалку од 3.000 претплатници на руската социјална мрежа Вконтакте, помалку од 2.000 претплатници на Телеграм и само 49 на Јутјуб. Но, откако медиумите привлекоа внимание на тоа, интервјуто беше прегледано над сто илјади пати.

Воронцова зборуваше главно за науката, медицината и нејзините истражувања во областа на генетиката, особено проучувањето на човечкиот геном. Зборувајќи за лекувањето на пациентите во Русија, таа нагласи дека „за нас човечкиот живот се уште е најголема вредност“.

Ниту збор не беше кажано за војната што Русија ја води против Украина. И таа никогаш не го спомна нејзиниот татко.

Кремљ ги чува во тајност сите детали за членовите на семејството на Владимир Путин. Самиот Путин никогаш официјално не потврдил дека Марија Воронцова е негова ќерка. Секогаш ги избегнуваше новинарските прашања за неа.

Меѓутоа, во сите официјални документи што ги објавија руските медиуми, таа е наведена како Марија Воронцова, родена 1985 година.Рускиот претседател постојано нагласува дека е горд на своите две ќерки и дека тие не се занимаваат ниту со политика, ниту со бизнис.

Сепак, како што дознаваат новинарите, Марија Воронцова во 2019 година ја основала компанијата „Номеко“ во Москва, која спроведува здравствени проекти вредни милијарди. На веб-страницата на компанијата, Воронцова е наведена како член на одборот на директори. Според истражувањето на тимот на Алексеј Навални, опозициски активист кој во затвор, Воронцова заработи 232 милиони рубљи (2,4 милиони евра) во 2020 година како акционер на „Номеко“. Понови податоци не се достапни. Освен тоа, според анкетата објавена на 15 јануари, нејзината месечна плата во „Номеко“ изнесува 700.000 рубљи (7.300 евра).

Соработниците на Навални забележале и дека „Номеко“ ги добива сите пари од компанијата „СОГАЗ Медизина“. Во клиниките на таа компанија се лекуваат влијателни руски политичари и бизнисмени од потесното опкружување на Путин, објави Радио Либерти во 2021 година. Во август 2022 година тие болници ги купија главните менаџери на „Номеко“.

Во интервјуто Марија Воронцова зборуваше и за својот живот. Таа рече дека уште од детството сонувала да стане лекар, но по завршувањето на училиштето сакала да студира економија. На крајот се одлучила за медицина и се запишала на Медицинскиот факултет, го спомнала нејзиниот интерес за литература и ги навела нејзините омилени писатели, меѓу кои Пушкин и Достоевски. Таа исто така сака музика и спорт:

„Моите интереси се многу широки: од креативност до спорт. Сакам сè убаво: слики, музеи, театар и музика. Музиката е важен дел од мојот живот, и класичната и џезот. Се обидувам да спортувам неколку часа неделно, вклучително и сезонски спортови како сурфање и скијање“, рече таа.

Ќерката на Путин неколку години живеела и студирала во Германија, а потоа и во Русија. Таа до 2015 година живеела во Холандија со нејзиниот поранешен сопруг, холандскиот бизнисмен Јорит Фасен. Потоа се вратила во Москва.

По почетокот на руската агресија врз Украина (24.02.2022), Европската унија, Велика Британија и САД ги ставија двете ќерки на рускиот претседател Марија Воронцова и Екатерина Тихонова на списокот на санкционирани лица, им ги блокираа банкарските сметки и им забранија влез во тие земји.

Интервјуто предизвика остри реакции кај руските блогери и на социјалните мрежи. На пример, многу корисници на Икс ја обвинија Воронцова за лицемерие. Еден од првите што привлече внимание на интервјуто беше рускиот новинар Андреј Сахаров.

„Нервозна е, понекогаш зборува клишеа. Експертите ќе ви кажат колку чини прстенот на нејзината рака“, напиша тој на својот канал на Телеграм.

Интервјуто со најстарата ќерка на Путин предизвика негодување и во германските медиуми.

„Ќерката на Путин дава бизарно интервју за ‘вредноста на човечкиот живот’“, ја наслови својата онлајн статија, магазинот „Шпигел“ на 12 јануари.

„Вознемирувачки изјави, со оглед на злосторствата и бројот на жртвите во украинската војна“, пренесуваат германските медиуми.

Германските новинари сметаат дека е цинично што војната воопшто не е тема во интервјуто со ќерката на Путин. Згора на тоа, ова не е прво појавување на Марија Воронцова во медиумите. Таа веќе дала интервјуа во кои се претставувала како ендокринолог.

Нејзиното големо интервју, во пресрет на претседателските избори во март оваа година, укажува на промена во комуникациската стратегија на Путин, смета медиумскиот експерт Џо Гребел. Путин, кој сега има 71 година, се подготвува да стане претседател на Русија по петти пат.

Според Гребел, Путин отсекогаш го правел она што го правеле многу автократски владетели пред него.

Според Гребел, Путин сепак сфатил дека е неопходна модерна изборна кампања: „Што е особено добро прифатено? Додуша дозирано, како што гледаме сега, тој дава нешто како показател дека сè уште има семејство. Или барем децата. А ќерката е доктор, признат научник“.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK