Почина лидерот на опозицијата, 47-годишниот Алексеј Навални, кој отслужуваше затворска казна во регионот Јамало-Ненец на крајниот север на Русија. Ова денеска го соопштија руските новински агенции, повикувајќи се на управата на затворот, а пренесува Ројтерс.
Навални, најистакнатиот критичар на претседателот Владимир Путин во Русија и жесток противник на војната во Украина, одлежа 19 години затвор за измама, непочитување на судот и прекршување на условната казна. Навални и многумина на Запад ги отфрлија тие обвинувања како измислени и политички мотивирани.
Движењето на Навални беше забрането, а повеќето негови главни поддржувачи избегаа во странство. Пред да биде осуден и да биде испратен во затвор, тој живеел во Москва со сопругата Јулија и двете деца.
Додека беше во притвор во предградие на Москва во јануари 2021 година, Навални продолжи да биде трн во окото на рускиот претседател Владимир Путин.
Неговиот тим потоа ги објави резултатите од големата истрага за богатството на Путин и на јавноста и го даде првиот поглед на наводната палата на Путин во Црното Море.
Документарецот, кој беше објавен заедно со истражувањето, за еден ден на „Јутјуб“ го погледнале 22 милиони луѓе. До денес, бројот на прегледи само на „Јутјуб“ достигна речиси 130 милиони.
Истрагата вклучува наводи за обемна корупциска шема поврзана со, како што велат, недвижен имот на Путин од 1,4 милијарди долари.
Руските власти тогаш негираа сè: “Тоа е повторување на стара приказна. Ако не се лажам, во 2017 или 2016 година прво се појави приказната за таканаречената палата на Путин во Геленџик. Тоа не е точно. Нема палата, тој не е сопственик на ниту една палата“, изјави портпаролот на Путин, Дмитриј Песков.
Приказната за овој имот првпат се појави пред десет години кога претприемачот Сергеј Колесников објави отворено писмо во кое го повикува тогашниот претседател Дмитриј Медведев да ја запре корупцијата за финансирање на изградбата на палатата.
Навални, исто така, тврдеше дека тој и неговиот тим откриле корупциски рекет што го финансира имотот на рускиот претседател и други приватни трошоци. Наводно, Путин на почетокот на мандатот се договорил со руски олигарси и богати бизнисмени дел од приходите да „донираат“ на инвестициска компанија, а потоа 35 отсто од таа сума да се префрлат на посебна сметка во Швајцарија.
„Со овие пари му изградија палата на својот шеф“, вели Навални во видеото.
Во 2014 година, Ројтерс пишуваше и за финансиската мрежа околу недвижен имот на Црното Море.