(Видео) Бил Клинтон уште во 2007 година го пофалил човекот кој стана првиот муслиман избран во американскиот Сенат


bil-befunky-collage-4.webp
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Поранешниот американски претседател Бил Клинтон уште во 2007 година јавно го пофалил Абдул ел Сајед, кој речиси две децении подоцна стана првиот муслиман избран во американскиот Сенат. Снимката од нивната средба на Универзитетот во Мичиген повторно се прошири на социјалните мрежи по историската изборна победа на Ел Сајед.


На изборите во вторникот, 42-годишниот демократ го победи републиканецот Мајк Роџерс во Мичиген, освојувајќи 52,5 отсто од гласовите, наспроти 45,5 отсто за неговиот противкандидат.

Во 2007 година, Ел Сајед одржал говор на свеченото доделување дипломи на Универзитетот во Мичиген, кој оставил силен впечаток врз Клинтон.

„Не сакам да го доведам во непријатна ситуација вашиот студентски говорник, но би сакал сите луѓе во светот кои веруваат дека ни е суден судир на цивилизациите и дека не можеме да ги надминеме верските поделби да го слушнеа неговиот денешен говор“, изјавил тогаш Клинтон.

„Навистина би сакал сите луѓе во светот да го слушнеа твојот говор“, додал поранешниот претседател.

Ел Сајед неодамна се потсети на средбата во подкастот „The Weekly Show“ на Џон Стјуарт, откривајќи дека Клинтон по церемонијата му пришол и го прашал зошто планира да студира медицина, наместо да размислува за политичка кариера.

Речиси 20 години подоцна, Ел Сајед стана првиот муслиман избран во горниот дом на американскиот Конгрес.

Во победничкиот говор им се заблагодари на гласачите и се осврна на нападите врз неговото име и верска припадност за време на кампањата.

„Се обидоа да нè поделат. Најпрво ги истакнуваа моето име и верата, како да сакаа да порачаат дека сум поинаков“, рече Ел Сајед, додавајќи дека Америка е доволно голема за сите.

Пред влегувањето во политиката, Ел Сајед работел како лекар и експерт за јавно здравје, а од 2015 до 2017 година раководел со здравствениот оддел на Детроит.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK