Европскиот комесар за проширување Оливер Вархеји изјави дека Европската комисија треба да биде подготвена да прими нови членови до крајниот рок што неодамна го предложи претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, односно до 2030 година, пишува Политико.
Вархеји на прес-конференцијата во Анкара истакна дека е многу среќен што конечно гледа дека земјите-членки почнуваат да се движат и политички да се мобилизираат и дека се подготвени политички да инвестираат за да има нови членки на Европската унија до 2030 година.
Вархеји не е првиот висок функционер на ЕУ кој поддржува поамбициозна временска рамка за проширувањето на ЕУ, што е отстапување од официјалниот став на ЕК дека проширувањето на ЕУ е „процес заснован на заслуги“ без официјален датум на завршување.
Минатата недела високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел, го поздрави крајниот рок за проширувањето и посочи дека тоа ќе ја „мобилизира енергијата на ЕУ и земјите кандидати“.
За време на неговата посета на Анкара, Вархеји ги урна сите надежи дека Турција може да се приклучи на Унијата во блиска иднина.
Пристапните преговори сега се во застој, а за нивно рестартирање има многу јасни критериуми поставени од Европскиот совет, а кои се однесуваат на демократијата и владеењето на правото, рече Вархеји.