Унгарија потресена од ненадејните оставки, Орбан молчи

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Унгарија е потресена од ненадејните оставки на две од најпопуларните и најуспешните жени во владејачката партија Фидес, инаку во која доминираат мажи. Ова стана најголемата закана за владеењето на премиерот Виктор Орбан откако тој се врати на власт во 2010 година.



Прикривање на педофилскиот скандал

Претседателката Каталин Новак и поранешната министерка за правда Јудит Варга ја презедоа одговорноста за одлуката за помилување на Ендре К., поранешниот заменик директор на државниот дом за сираци. Ендре К. бил затворен затоа што ги убедувал децата да го повлечат сведочењето против директорот на домот за деца без родители за сексуална злоупотреба.

Тој беше еден од 25-те лица помилувани од претседателот за време на посетата на папата Франциско минатата година. Но, неговото име стана јавно дури на 2 февруари. Ова прашање стана длабоко проблематично за владата, која како камен-темелник на својата политика ја стави заштитата на децата и традиционалните семејни вредности.

Најлошо од се за Орбан и неговата партија, заминувањето на двете жени е проследено со лавина обвинувања за начинот на кој тој ја води државата. Двете оставки, кои дојдоа во време на зголемени протести, го лишија Виктор Орбан од двајца многу различни, но суштински сојузници.

Две оставки – два различни проблеми

Според Би-би-си, претседателката Новак го негувала имиџот на „мајката на нацијата“. Во јавноста, тоа беше тесно поврзано со популарната политика на охрабрување на паровите да имаат повеќе деца. Таа, исто така, промовираше поинклузивен, помалку агресивен стил од премиерот, а нејзината улога како шеф на државата беше главно симболична.

Од друга страна, острата Јудит Варга требаше да ја предводи владејачката партија Фидес во битката против „бриселските бирократи“ на европските избори во јуни. Таа сега поднесе оставка од функцијата пратеник и се повлече од јавниот живот.

Две други клучни фигури, исто така, се најдоа на удар – шефот за комуникации на Орбан, Антал Роган, кој исто така е одговорен за тајните служби, и Золтан Балог, протестантски бискуп и личен советник на премиерот.

Балог, наводно, лобирал зад сцената за претседателско помилување во случајот со Ендре К. Тој ги негираше обвинувањата. Само неколку минути по оставката на Јудит Варга, нејзиниот поранешен сопруг, моќниот инсајдер на Фидес, Питер Маѓар, објави: „Не сакам ниту минута повеќе да бидам дел од системот во кој вистинските виновници се кријат зад женските здолништа“.

„Долго време верував во идеалот, во национална, суверена, граѓанска Унгарија“, се пожали тој. „Меѓутоа, во текот на изминатите неколку години, а особено денес, сфатив дека сето ова е навистина само политички производ, шеќерна обвивка која служи само за две цели: да се прикрие работата на фабриката за електрична енергија и да се стекне огромно богатство“.

После тоа, во неделата вечерта даде 100-минутно интервју за каналот Партизан на Јутјуб, кој е критички настроен кон власта, а кој досега е прегледан 1,4 милиони пати. Секојдневно на Фејсбук објавува нови критики за соработниците на Орбан.

Вчера го нападна Антал Роган, шефот за комуникации на владата, прашувајќи го зошто молчи, криејќи се зад портпаролот на премиерот. „Порано бевте многу построги“, рече тој. „Зошто се криете од вашите избирачи? Зошто со години не одржувате прес-конференција? Дали се плашите да одговарате на прашања?“

Потоа се сврте кон Иштван Тиборч, зет на премиерот и сопруг на ќерката на Орбан Рахел. „Почитуван Иштване, ти си навистина талентирана личност. За само 37 години имаш 100 милијарди форинти (258 милиони евра), толку многу хотели, банки, менаџери на фондови, вредни средства во поранешна државна сопственост“, напиша тој.

„Кои други компании ги купивте неодамна? Колкав е вкупниот износ на државни заеми или грантови што сте ги добиле за да го изградите вашето портфолио? Дали неодамна сте ги посетиле селата во Боршод во североисточна Унгарија каде децата понекогаш играат во дворот без топли облека среде зима?“, го праша.

Опозициските партии бараат да се спроведе истрага за тоа како е дадено помилувањето, како се води државата и следниот претседател да се избере директно. Одговорот на владата и провладините медиуми беше лут.

Од самиот премиер владее строг молк. Барем засега. Тоа несомнено е неговиот најголем предизвик во последните 14 години непрекинато владеење на Фидес, но оставките на највисоко ниво се уште не му наштетиле сериозно на неговото владеење.

Протест против Орбан е планиран за петок, а борбената реакција на премиерот се очекува в сабота, кога треба да го одржи годишното обраќање за состојбата на нацијата.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK