Унгарија објави дека размислува за повлекување од Светската здравствена организација


677z381_78-67a4d145bccff.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Кабинетот на унгарскиот премиер Виктор Орбан денеска соопшти дека земјата може да се повлече од Светската здравствена организација (СЗО).


Претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп нареди повлекување на САД од СЗО речиси веднаш по преземањето на функцијата на 20 јануари, а вчера и Аргентина најави повлекување од Светската здравствена организација.

Министерот задолжен за кабинетот на унгарскиот премиер, Гергељ Гуљаш денеска изјави за новинарите дека верува оти „доколку најмоќната земја во светот одлучи да ја напушти меѓународната организација, тогаш би било разумно унгарската влада да размисли“ дали треба да го преземе истиот чекор, пишува „Политико“.

„Можеби ќе дојдеме до заклучок дека не мораме да го правиме тоа, можеби ќе донесеме некоја друга одлука, се разбира, но дефинитивно вреди да се размислува за тоа“, рече Гуљаш, наведувајќи го како аргумент дека „најсилната демократија во светот ја напушта Светската здравствена организација по своја волја“.

Трамп и неговите сојузници ја обвинија Светската здравствена организација дека се меша во суверенитетот на земјите, дека е под несоодветно влијание од Кина и дека нејзиниот одговор на Ковид-19 е недоволно компетентен, сите тврдења што генералниот директор на СЗО Тедрос Аданом Гебрејесус ги отфрли во обраќањето до земјите-членки во понеделникот.

„Како агенција на ОН, СЗО е непристрасна и постои за да им служи на сите земји и на сите луѓе“, рече Тедрос.

Тој додаде дека кога земјите поставуваат барања кои ја надминуваат мисијата на Светската здравствена организација за поддршка на глобалното здравје, од СЗО велат „љубезно, не“, пренесува Танјуг.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK