Самитот на НАТО што вчера заврши во Вилнус беше прв на кој Финска учествуваше како полноправна членка на Алијансата, а во пресрет на самата средба на врвот, Турција се согласи да ја поддржи кандидатурата на Шведска за приклучување кон Пактот, со што се отвора патот за стратешка промена во регионот на Балтичкото Море во кој некогаш доминираше Москва, оценува бриселскиот портал „Политико“.
Со ова, како што се наведува во текстот, НАТО ќе ја зајакне контролата врз Балтичкото Море со што ќе го отежне транзитот на руската морнарица преку „виталната рута од дворот на Русија“.
– НАТО постојано ја зголемуваше контролата врз Балтичкото Море – клучната поморска рута за руската Флота, која има бази во близина на Санкт Петербург и во енклавата Калининград. За време на Студената војна, само Данска и Германија на крајниот западен дел на Балтикот беа во Пактот. Приклучувањето на Полска во НАТО во 1999 година и трите балтички републики во 2004 година го ставија поголемиот дел од јужниот брег на Балтичкото Море под контрола на Алијансата, се наведува во анализата.
Според авторот на текстот, со членството на Финска и Шведска во НАТО за Русија се затвора и северниот дел на Балтичкото Море, оставајќи и само ограничен пристап.
– Двете земји се откажаа од својата долгогодишна неутралност, која во случајот на Шведска има повеќевековна традиција, и минатиот мај аплицираа за членство во Алијансата во време на инвазијата на Русија врз Украина, оценува „Политико“, наведувајќи дека со најновото проширување се зголемува границата на НАТО кон Русија, се зајакнува одбраната на Северна Европа и ги прави поверодостојни напорите на Алијансата за одвраќање.
Според вишата соработничка на Европскиот совет за надворешни односи Улрике Франке, со приемот на Шведска и Финска, НАТО станува географски многу покохерентен.
– Балтичкото Море станува езеро на НАТО, што е генерално корисно, исто така и поради зголеменото значење на Арктикот, вели Франке.
Поранешен помошник генерален секретар на НАТО, Камиј Гран, пак, смета дека со приклучувањето на Шведска и Финска кон Алијансата, на Пактот му се гарантира стопроцентен пристап до пристаништата и аеродромите во овие две земји и се овозможува проширување на неговото присуство не само во Балтичкото Море, туку и на Арктикот, регион кој е се постратешки важен и за Русија и за Кина.