Воздухопловните сили на Украина соопштија дека собориле крстосувачка ракета и 20 руски беспилотни летала, а руското Министерство за одбрана објави дека руските системи за противвоздушна одбрана собориле 33 беспилотни летала лансирани од Украина.
„Во текот на ноќта Русија изврши воздушен напад врз Украина со помош на балистичка ракета „Искандер“, крстаречка ракета и нападни беспилотни летала“, соопшти денеска украинското воздухопловство.
Украинските системи за противвоздушна одбрана уништија крстаречка ракета и 20 нападни беспилотни летала, објавија од военото воздухопловство на апликацијата за пораки Телеграм.
Ракетата „Искандер“ „не ја достигна целта“, се вели во соопштението, без да се наведат детали.
„Ројтерс“ не можеше независно да го потврди извештајот.
Не е јасно колку беспилотни летала лансираше Русија, ниту дали нападот предизвикал штета или жртви.
Претходно руското Министерство за одбрана објави дека руските системи за противвоздушна одбрана уништиле 33 беспилотни летала лансирани од Украина над неколку руски региони.
Беспилотните летала биле пресретнати или уништени пред да стигнат до нивните цели во регионите Липецк, Ростов и Волгоград, соопшти Министерството на апликацијата за пораки Телеграм, без дополнителни детали.