Украина сака побрзо да влезе во ЕУ: Зеленски утврди три главни приоритети


Depositphotos_756919190_XL.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска ги утврди трите главни приоритети за забрзување на процесот на пристапување на Украина во Европската Унија, оценувајќи дека членството не е само политичко или економско прашање, туку и клучно безбедносно прашање, пренесува „Киев пост“.


Новите насоки биле договорени на состанок со премиерот Серхиј Корецки, новиот вицепремиер задолжен за европски и евроатлантски интеграции Всеволод Ченцов и заменик-шефовите на Кабинетот на претседателот. Украина од средината на јуни отвори два преговарачки кластери со ЕУ, а подготвува отворање на уште четири.

Зеленски изјави дека се дефинирани конкретни насоки за поинтензивна соработка со Европската Унија и нагласи дека Украина од своја страна ги исполнила сите неопходни услови за да добие позитивна одлука за членство.

Како прв приоритет, тој го посочи полноправното членство во ЕУ.

„Не гледаме на тоа само како на политичка или економска цел, туку како на безбедносно прашање – и за Украина и за Европската Унија“, рече Зеленски.

Тој посочи дека по руската инвазија во 2022 година Украина станала важен фактор за европската безбедност. Според него, искуството што украинската армија го стекнала во одбраната од руски беспилотни летала и ракети претставува знаење што ѝ е потребно и на Европската Унија, особено во услови кога руски дронови сè почесто навлегуваат во воздушниот простор на земјите членки, а авионите на НАТО во последните недели неколкупати ги пресретнувале.

Како пример ги наведе Романија, која меѓу 24 и 26 јули соборила три руски дронови над својата територија, како и Полска, која на 31 јули потврди дека руска крстосувачка ракета Х-101 навлегла во нејзиниот воздушен простор за време на последниот масовен руски напад врз Украина.

Вториот приоритет е користење на сите механизми за секторска интеграција со ЕУ, со цел Украина да стане составен дел од вообичаените европски процеси и политики.

Третиот приоритет е обезбедување конкретна поддршка од Брисел и европските престолнини за претстојната зима, бидејќи Киев очекува Русија повторно да ги интензивира нападите врз енергетската, топлинската и водоснабдителната инфраструктура.

Преговорите за членство на Украина во Европската Унија се поделени во шест кластери, од кои секој опфаќа одредени области што земјата кандидат мора да ги усогласи со европското законодавство.

Украина досега отвори два кластери – „Основни прашања“, кој ги опфаќа правосудството и антикорупциските реформи, и „Надворешни односи“. Земјата работи на отворање на уште четири кластери, но следната одлука за нивното отворање е одложена до 1 септември поради противењето на Унгарија.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK