Туск иронично му порача на Орбан дека е импресиониран од неговата „креативност“ по пронаоѓањето речиси 20 милиони долари закопани во шуми и скриени во тајни сефови во Унгарија


Tusk.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Полскиот премиер Доналд Туск иронично го коментираше пронаоѓањето речиси 20 милиони долари во готовина во шуми, земјоделски објекти и други објекти во Унгарија, во рамките на истрагата за корупција против поранешен министер од владата на Виктор Орбан.


Туск на социјалната мрежа Икс му порача на поранешниот унгарски премиер дека отсекогаш ја почитувал неговата креативност, но дека овојпат е импресиониран како никогаш досега.

„Пред неколку дена, братот на Орбан беше приведен во случај со криумчарење луѓе, а вчера беа пронајдени 20 милиони долари закопани во шума од страна на министер на Орбан. Драг Викторе, отсекогаш ја почитував твојата креативност, но сега морам да кажам дека сум импресиониран како никогаш досега“, напиша Туск.

Унгарските власти во рамките на истрагата против поранешниот министер за развој Миклош Шештак пронајдоа 5,07 милијарди форинти, 2,66 милиони евра и 1,26 милиони долари. Парите биле закопани во шуми или сокриени во земјоделски објекти, магацини и станбена зграда.

За пребројување на запленетата готовина, чија вкупна вредност е речиси 20 милиони долари, биле потребни осум часа и десетина службеници, кои користеле пет машини за броење банкноти, соопшти унгарскиот министер за финансии Андраш Карман.

Шештак, кој беше министер за развој во владата на Орбан од 2014 до 2018 година, ги негираше сите незаконски дејствија. И од партијата Фидес соопштија дека пронајдените пари немаат никаква врска со поранешниот министер.

Истрагата е дел од пошироката антикорупциска акција на унгарскиот премиер Петер Маѓар, кој во април го победи Орбан на изборите, ставајќи крај на неговото 16-годишно владеење. Маѓар акцијата ја нарече „Операција Чистилиште“.

Во одделни истраги под сомнение за корупција беа уапсени и двајца поранешни министри од владата на Орбан, како и поранешниот гувернер на централната банка Ѓерѓ Матолчи. Сите ги негираа обвиненијата.

Маѓар го опиша пронајдениот кеш како симбол на крајот на, како што ја нарече, „мафијата“ што наводно ја предводеле Фидес и нејзините сојузници за време на владеењето на Орбан. Поранешниот унгарски премиер, пак, приведувањето на својот брат го оцени како политичка одмазда.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK