Фактот дека Украинец кој се борел во нацистичка единица во Втората светска војна бил поканет во канадскиот парламент е „голем срам“ за Канада, изјави премиерот Џастин Трудо.
98-годишниот Јарослав Хунка доби овации откако претседателот на Долниот дом Ентони Рота го нарече „херој“ за време на посетата на украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Рота рече дека не знаел за нацистичките врски на Хунка и дека згрешил што го поканил на настанот. Тој се соочува со повици да поднесе оставка. Трудо вчера им призна на новинарите дека „е исклучително вознемирувачко она што се случи“.
„Ова е нешто што е голем срам за Парламентот на Канада, а со тоа и за сите Канаѓани“, додаде тој.
Инцидентот се случи во петокот кога украинскиот претседател Володимир Зеленски говореше во парламентот.
Хунка седеше во галеријата на Долниот дом кога Рота покажа кон него, велејќи дека човекот е „украински херој, канадски херој и тие му благодарат за целата негова услуга“. Присутните во зградата одговорија со аплауз.