Претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, денес изјави дека Иран „разговара многу љубезно“ со американските преговарачи и дека постојат „добри шанси“ за постигнување договор за прекин на конфликтот меѓу двете земји, оценувајќи дека војната „практично е завршена“ воено.
„Иран практично е завршен воено. Ние само го одржуваме статус квото“, рече Трамп на прес-конференција во Белата куќа, објави АП.
Кога беше прашан зошто не прогласува победа над Иран и не ги повлекува американските трупи од регионот, ако веќе го спречил Техеран да добие нуклеарно оружје, Трамп одговори дека САД имаат сојузници во регионот кои мора да ги заштитат.
„Сакаме да се осигураме дека има долгорочно решение, а не само краткорочно. Иран никогаш нема да има нуклеарно оружје, но мора да се осигураме дека тоа е долгорочно решение“, рече Трамп.
Тој повтори дека војната „брзо завршува“, но го негираше тврдењето на новинарите дека со месеци го најавувал неизбежниот крај на конфликтот.
„Тврдев дека нема да имаат нуклеарно оружје и нема да го имаат“, рече американскиот претседател, според Танјуг.