Поранешниот американски претседател Доналд Трамп објави дека верува оти е можно рускиот претседател Владимир Путин да бил вмешан во смртта на рускиот опозициски лидер Алексеј Навални.
„Не знам, но можеби, мислам би можел да кажам веројатно, не знам. Беше млад човек, па статистички ќе беше жив долго време, веројатно се случило нешто необично“, изјави Трамп во интервју за „Фокс њуз“.
Трамп, исто така, најави дека ќе ја прекине помошта за Украина и ќе го принуди Киев да седне на преговарачка маса со Русија, а како што пренесува „Политико“, таа позиција ја подгрева вознемиреноста кај западните сојузници дека републиканскиот кандидат би можел да добие втор мандат во ноември.
Трамп додаде дека се надева дека нема да мора да избира помеѓу победа на Русија во Украина и испраќање помош за Киев и посочи дека војната во Украина никогаш немаше да се случи доколку тој беше претседател кога избувна конфликтот во февруари 2022 година.
Инаку, Трамп во првата реакција за смртта на Навални одби да му припише одговорност на Путин, а тој исто така инсинуираше дека зад тоа стои Западот.
Руските власти објавија дека Навални, најистакнатиот критичар на претседателот Владимир Путин, починал од природна смрт во затвор на 16 февруари.
Тој одлежа 30-годишна затворска казна, меѓу другото, за, како што се наведува во една од пресудите на рускиот суд, „основање и финансирање на екстремистичка организација и нејзините активности“.
Неговите поддржувачи, вклучително и неговата вдовица Јулија, тврдат дека Навални е убиен, но Кремљ негираше каква било вмешаност во смртта на опозицискиот лидер.