Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп тивко се откажа од идејата за користење деловни зделки за да ја поттикне Русија да ја заврши војната во Украина, откако Москва покажа мал интерес за предложените проекти во енергетскиот и авијацискиот сектор, објави денеска „Фајненшел тајмс“.
Пратениците на Трамп, Стив Виткоф и Џаред Кушнер, им соопштиле на европските претставници дека деловната соработка повеќе не е клучна компонента од американската понуда до Русија, пишува „Фајненшел тајмс“, повикувајќи се на петмина функционери запознаени со промената во американскиот пристап.
Американците предложиле инвестиции во руски гасоводи и нафтени проекти.
Високи руски и американски претставници – вклучително и Кушнер – разговарале за можноста за вклучување американски инвеститори во гасоводите „Северен тек“, преку кои се испорачуваше гас за Германија пред руската инвазија врз Украина, објави „Ројтерс“ во октомври.
Кушнер, кој се обидува да посредува за примирје меѓу Русија и Украина, ја смета деловната соработка за суштинска за воспоставување мир. Според „Фајненшел тајмс“, тој предложил и неколку проекти за периодот по војната, вклучително и инвестиции од американски компании во руски нафтени потфати и производство на титаниум.
„Стана сосема јасно дека Русите не се заинтересирани за такви работи.“
Руските претставници првично реагирале позитивно на американските предлози, но Москва оттогаш го изгубила интересот за таа идеја. Русија продолжува да инсистира дека, во замена за мир, Украина мора да отстапи дел од својата територија и да се согласи на други отстапки што Киев ги смета за неприфатливи. „Стана сосема јасно дека Русите не се заинтересирани за такви работи“, изјавил еден од функционерите за „Фајненшел тајмс“.
Во октомври, администрацијата на Трамп привремено ги олесни американските санкции кон руските горива – санкции кои првично беа воведени за да ѝ се скратат на Москва приходите потребни за финансирање на војната против Украина. Олабавувањето на санкциите уследи по согласноста на Русија да го снабдува глобалниот пазар со дизел, со цел да се намалат цените на горивата.