Тензичниот прекин на огнот меѓу Израел и Исламски џихад, со кој се стави крај на петдневните жестоки борби, беше почитуван во текот на ноќта и утринава по краткотрајниот ракетен истрел од Појасот Газа доцна синоќа и израелските воени воздушни напади во знак на одмазда.
Прекинот на огнот, кој беше постигнат со посредништвото на Египет, стави во сила во 22 часот по локално време по што беше прекршен, но во текот на ноќта било мирно, пренесе Бета.
Од вторникот се убиени 33 Палестинци, меѓу кои најмалку 13 цивили, од кои и неколку деца. Две лица загинаа во Израел од ракетен истрел.
За пет дена врз Израел се истрелани над 1.200 ракети по израелските напади врз членови на Исламски џихад во кои беа убиени тројца команданти на таа организација, која Израел, ЕУ и САД ја сметаат за терористичка организација. Убиени се и неколку нивни сопруги и мали деца, како и соседи кои не биле вклучени во конфликтот.
Некои ракети од Појасот Газа стигнаа до областите на Тел Авив и Ерусалим, на околу 80 километри од границата.
Како одговор на ракетниот напад, израелската армија продолжи со нападите насочени кон командни центри и позиции од кои се истрелуваат ракети и мини кон јужен и централен Израел.
Ова е најжестокиот конфликт меѓу израелската армија и Исламски џихад од август минатата година и се заканува да ескалира во нова војна.
Утрово се отворени патиштата во близина на границата со Појасот Газа, кои беа затворени поради страв од противтенковски ракетни напади.
Дополнително, делумно се укинати ограничувањата воведени за жителите кои живеат во област до 40 километри од границата, јавуваат израелските медиуми.
Во градот Газа доцна синоќа, за време на прекинот на огнот, заглушувачките звуци од ракетни истрели и израелските воздушни напади беа заменети со сирени од автомобили. Улиците во Појасот Газа кои беа пусти во изминатите неколку дена брзо беа преплавени со луѓе кои вееја палестински знамиња.
Многумина излегоа да ја видат штетата предизвикана на околните згради каде што има станови за кои Израел тврди дека се скривалишта на шесте команданти на Исламски џихад убиени во израелските напади.
Во говорот по договорот за прекин на огнот, лидерот на Исламскиот џихад, Зиад Нахалех, најави, како што рече, „крај на уште една рунда конфликти со ционистичкиот проект“.
Во синоќешното соопштение од Египет, беше наведено дека непријателските страни се согласиле на прекин на огнот што вклучува итен прекин на нападите врз цивили, уништување домови и повредување луѓе. Каиро очекува Израел и Исламски џихад да го почитуваат договорот, иако има спротивставени извештаи за неговата содржина.
Портпаролот на Исламски џихад Тарик Селми изјави дека Израел се согласил да ги запре целните убиства на водачите на организацијата и се закани дека „секоја глупост или убиство ќе биде одговорено“ и оти ционистичкиот непријател сноси одговорност.
Во соопштението со кое му се заблагодарува на Египет, советникот за национална безбедност на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, Чахи Ханегби, рече дека на затишјето ќе се одговори на ист начин и оти Израел ќе направи се што е потребно за да се одбрани.
Во официјалното соопштение на палестинските фракции, вклучително и Хамас, кој владее во Газа, беше наведено дека „рундата на борбите е завршена“, но тие се подготвени со „прстот цврсто на чкрапалото“ во случај на продолжување на „политика на убиства“.