За време на викендот стигна шокантна вест од Франција, откако беше потврдено дека двегодишното момче Емил Солеј, кое исчезна во јули минатата година, е пронајдено мртво.
Како што пренесуваат француските медиуми, човечки коски за кои е потврдено дека му припаѓаат на исчезнатото момче, биле пронајдени на 90 метри од куќата на неговиот дедо, каде што на момчето му се губи секоја трага.
Градоначалникот на Ле Верн, Франсоа Балик, за „Фигаро“ изјави дека коските се пронајдени „на патеката меѓу црквата и капелата на населбата“.
Според него, оваа област била „темелно истражена од полицијата“.
„Малку е веројатно дека некое животно ги донело човечките останки во селото. Тоа нè води до сценариото дека некој му ги вратил коските на Емил, а веројатно тоа е направено неодамна“, додаде градоначалникот.
Обвинителот Жан Лук Блашон изјави дека полицијата во саботата била известена дека случаен минувач ги пронашол останките во близина на селото Верн, а генетското тестирање утврдило дека станува збор за посмртните останки на исчезнатото момче.
Причината за смртта на момчето не е позната.
Извор на кој се повикува Дејли Меил изјави дека се пронајдени коските и черепот на малиот Емил.
„Оваа шокантна вест е она од што се плашевме. Сега знаеме, на денот на католичкото воскресение, дека Емил нè чува во светлината и љубовта Божја, но болката и тагата остануваат. Сега е време да тагуваме, молиме и размислуваме“, порачаа родителите на Емил преку својот адвокат кој апелираше да се почитуваат приватните моменти на семејството.
Кога исчезнал на 8 јули, Емил штотуку пристигнал на летен одмор во селската куќа на бабата и дедото по мајка му, а двајца соседи тврдат дека го виделе на главниот пат во селото, но со спротивставени приказни.
Емил последен пат бил виден со својот 58-годишен дедо. Оттогаш, неговата судбина е непозната и инспекторите не исклучуваат никаква можност, вклучително и киднапирање и убиство.
Еден сведок рече дека го видел дедото на момчето како сецка дрва пред неговата куќа околу времето кога детето наводно исчезнало.
На Фејсбук е покрената кампања за собирање средства за плаќање на погребот на момчето.