Екипа на ТВ станица во Чикаго која известувала за серија кражби била ограбена од тројца мажи со фантомки.
ТВ „Унивизион“, која ја емитува програмата на шпански, изјави дека во понеделникот во пет часот наутро, репортер и снимател снимале во центарот на градот , кога три маскирани лица им пришле, им впериле пиштол и ги ограбиле, ги одзеле нивната камера и други работи, јави „Гласот на Америка“.
„Им пријдоа со пиштоли, им одзедоа најмногу лични работи и камера“, изјави Луис Годинез, потпретседател на телевизиската компанија задолжена за вести.
Тој додаде дека темата на известувањето биле серија кражби во центарот, кои требало да се емитуваат на утринските вести.
Изјави дека снимениот материјал останал во украдената камера и дека се’ што снимиле никогаш не било емитувано.
Полицијата во Чикаго соопшти дека никој не е повреден, но нема ниту уапсени.
Годинез наведува дека телевизијата не сака да ги открие имињата на репортерот и снимателот, за да ја заштити нивната приватност.
„Добро се, сето ова го поминуваме заедно како тим“, рече тој.
Ова е втор грабеж овој месец насочен кон новинарска екипа, откако на 8 август беше нападнат и ограбен снимател на WLS-TV.