Столтенберг најави уште еден обид да обезбеди прием на Шведска во НАТО до Самитот во јули

stoltenberg_35435445
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг денеска изјави дека во наредните денови ќе свика итен состанок за да се обиде да ги надмине приговорите на Турција за приклучување на Шведска во Алијансата.

Тоа е последен обид да се обезбеди членство на скандинавската земја до Самитот следниот месец. Процедурата за проширување на НАТО налага едногласна согласност од сите членки на Алијансата. Турција ја обвинува Шведска дека е премногу попустлива кон групите за кои Анкара вели дека претставуваат закана за безбедноста, вклучувајќи ги курдските милитантни групи и луѓето поврзани со обидот за пуч во 2016 година.


Столтенберг рече дека имал нови разговори за шведската кандидатура со турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган, како и со високи претставници од Шведска и соседна Финска, која во април стана 31-та земја-членка на најголемата светска безбедносна организација.

„Се договоривме да свикаме состанок на високо ниво во Брисел пред Самитот“ во главниот град на Литванија, Вилнус, кој започнува на 11 јули, изјави Столтенберг пред новинарите. „Целта е да се постигне напредок во завршувањето на процедурата за прием на Шведска во НАТО“, додаде тој.

Столтенберг не кажа кога ќе се одржи средбата, но прецизираше дека на неа ќе има министри за надворешни работи, шефови на разузнавачки служби и советници за национална безбедност.

Стравувајќи дека би можеле да станат мета на Москва откако Русија ја нападна Украина минатата година, Шведска и Финска ја напуштија својата традиционална воена неутралност и побараа заштита под безбедносниот чадор на НАТО.

И Унгарија го одложува одобрувањето на апликацијата на Шведска, но не ги соопшти јасно и јавно причините за тоа. Претставниците на НАТО очекуваат дека официјална Будимпешта ќе ја следи Турција откако Анкара ќе ги повлече своите приговори.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK