Израелската армија соопшти дека бил извршен напад од правец на Либан на подрачјето на северен Израел и дека одговорила со напад на „терористичката ќелија“ која учествувала во лансирањето.
Либанското милитантно движење Хезболах објави дека извршило напад врз важна цел на израелска територија, како одговор на неодамнешното убиство во Бејрут на Салех Ал Аури, еден од лидерите на палестинскиот Хамас, за што е обвинет Тел Авив.
Откако утрово се огласија ракетни сирени низ северен Израел, израелската војска соопшти дека „идентификувани се приближно 40 лансирања од Либан кон областа Мерон во северен Израел“, пренесува Ројтерс. Според агенцијата, нема информации за жртви или материјална штета.
„Набргу потоа, израелската војска нападна терористичка ќелија вклучена во лансирањето“, се вели во соопштението на армијата.
Хезболах соопшти дека рано утринава погодил израелска набљудувачка станица со 62 ракети како „прелиминарен одговор“ на убиството на Ал-Арури, кој беше убиен во напад со беспилотно летало врз либанската престолнина Бејрут на 2 јануари.
Во соопштението се тврди дека милитантите удриле кула на издигнат рид на кој Израел се потпирал за „воздушен надзор“ и „контрола на воздушниот простор“. Израелската армија не ги коментираше овие изјави на Хезболах, пренесува Ројтерс.