Британскиот премиер Кир Стармер се најде во центарот на политичка бура откако функционери и политичари блиски до Лабуристичката партија упатија низа остри обвинувања против неговото раководство. Според извештајот на порталот „Политико“, кој се однесува на разговори со десетици инсајдери, премиерот е обвинет за некомпетентност, неподготвеност да управува со земјата и целосен недостаток на „јасна мисија“.
Критиките што доаѓаат од самото јадро на британската администрација укажуваат дека Стармер нема потребна енергија за спроведување на ветените реформи. Извори на публикацијата наведуваат дека на Даунинг стрит владее атмосфера на дезориентација, додека премиерот е критикуван за недостаток на интерес за политичка стратегија и избегнување на соочување со клучни проблеми.
„Многу луѓе мислат дека Кир Стармер е добар човек кој едноставно не си ја врши работата. Грешат. Тој е кретен кој не си ја врши должноста“, изјавил еден од неименуваните извори за „Политико“, како што објавија тамошните медиуми.
Други соговорници, според медиумот, истакнуваат дека премиерот покажува загрижувачка пасивност. Се вели дека Стармер избегнува да поставува прашања дури и кога станува збор за актуелни политички и етички теми, оставајќи впечаток на недостаток на љубопитност и неспособност да го води кабинетот. Според изворите, тој не покажува вистински интерес за потребите на граѓаните, но се чини дека е целосно неподготвен за предизвиците што ги носи функцијата шеф на владата.
И покрај сè погласните шпекулации и фактот дека, според анкетите на јавното мислење, тој станал еден од најнепопуларните шефови на влади во поновата историја на Велика Британија, Стармер ја отфрли можноста за оставка.
Британскиот премиер се соочи со низа сериозни предизвици откако ја презеде функцијата, од економска нестабилност до внатрепартиски судири, но најновиот бран критики од неговите сопствени редови сериозно го доведува во прашање неговиот авторитет и способност да ја одржи контролата врз политичкиот курс на земјата.