Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека верува оти Русија го ограничува пристапот до социјалните медиуми за да спречи немири во случај на општа мобилизација за нова голема офанзива во Украина или напад врз една од балтичките држави, објави Украинска правда.
Во интервју емитувано синоќа, Зеленски го објасни својот став за ситуацијата.
„Руските ограничувања на социјалните медиуми не се таму за да се ограничи критиката кон шефот на државата. Според мене, целта е подлабока – да се спречат немири. Што би можело да предизвика немири кај нашиот северен сосед? Голем број работи, голем број сценарија“, рече тој.
„Првото е општа мобилизација, мобилизација од големи размери во Русија. Мобилизација на луѓе од големи градови, вклучувајќи ги, се разбира, Москва и Санкт Петербург“, додаде Зеленски.
Според него, таквата мобилизација би послужила за една од двете цели.
„Зошто би спровеле толку голема мобилизација? Да започнат уште една офанзива – голема офанзива против Украина. Опцијата Б е да се спроведе помала, паралелна офанзива, со пониски трошоци и напори, некаде што може да се помине со помалку борбени сили. Зошто? Затоа што некои држави – на пример, една од балтичките држави – не се подготвени за силен отпор“, објасни украинскиот претседател.
Зеленски сумираше дека планот А на Русија вклучува „мобилизација од големи размери, ограничувања на социјалните мрежи и започнување офанзива“.
„Што се однесува до локацијата, мислам дека имаат неколку опции. И таму тој [Путин] гледа што се случува со земјите од НАТО. Верувам дека тоа ќе го одреди изборот: дали да интервенира или не“, рече тој.
На прашањето дали нападот врз балтичките држави би го активирал Член 5 од НАТО, Зеленски одговори дека верува оти Алијансата нема да има друг избор.
„Мислам дека можеби не сите земји ќе сакаат да ги поддржат балтичките држави, но според мене, земјите-членки на НАТО нема да имаат избор – во спротивно НАТО повеќе нема да постои. Тие ќе мора да се обединат и да одговорат на она што Путин потенцијално би можел да го направи. Во спротивно, тие едноставно повеќе нема да имаат сојуз“, заклучи Зеленски.